Програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик е една од програмите кои не се најдоа во новиот предлог буџет кој е доставен пред американскиот Конгрес.
Од Емитувачкиот одбор на управници, или ББГ, телото на американските власти преку кое се финансира работата на Радио Слободна Европа и на Гласот на Америка, потврдуваат дека е предвидено затворање на Радио Слободна Европа за Балканот, а натамошно финансирање само на Гласот на Америка на македонски јазик.
– Се уште не е донесена конечна одлука. Но, буџетските услови се многу тешки, и потребно е да се донесат тешки одлуки. Елиминирањето на балканскиот сервис на Радио Слободна Европа/Радио Слобода е предложено за кратење поради ограничените финансиски средства во фискалната 2014 година. Гласот на Америка, исто така, спаѓа под Емитувачкиот одбор на управници и дејствува во балканскиот регион со задача да ја изгради својата позиција на локалните телевизии, има солидни позиции во Албанија, Босна, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, со солидна неделна публика и држи карактеристичен дел од пазарот за вести од САД и светот кои локалните медиуми немаат ресурси самите да ги обезбедат. Предложено е Радио Слободна Европа да престане со дејствување на Балканот, додека Гласот на Америка ќе остане со силно присуство се додека локалните медиуми не се развијат подобро, изјави Летисија Кинг, директор за јавни прашања на ББГ.
Освен Македонија, Радио Слободна Европа на Балканот има програми и во Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, и сите тие се соочени со затворање. Од македонската програма на Радио Слободна Европа не сакаа подетално да зборуваат за нивните очекувања и планови за иднината.
Емитувачкиот одбор на управници е соочен со постојани критики поради застарениот начин на работа и особено поради честите меѓусебни бирократски судири на раководителите што ги попречува во нивната задача – да ги промовираат американските ставови и интереси во светот.
Доскорешниот државен секретар Хилари Клинтон оцени дека институцијата е нефункционална, растурена, и мора да се реформира. И републиканските конгресмени се согласуваат со неа, и бараат начини како да се скрати буџетот на ББГ, кој годишно изнесува околу 750 милиони долари.
Во актуелната атмосфера во САД, каде постојано се бараат нови можности за кратење на буџетот, програмите на ББГ, во региони кои веќе не се во фокусот на американскиот интерес, се особено на удар за кратење. Минатиот месец Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД организираше сослушување за тоа како да се реформира оваа агенција, на кои ББГ се соочи со жестоки критики, пред се од неодамнешниот директор Џејмс Гласман, и беше оценето дека бирократите во ова пропагандно тело на САД најголем дел од времето се занимаваат со меѓусебни сплетки, а организацијата ја претвориле во ‘змиско гнездо’.
Меѓу надворешно-политичките крики е тоа дека Гласот на Америка и Радио Слободна Европа премногу наивно и оптимистички ја сфатиле Арапската пролет, па дури и придонеле кон крвавите расплети на Блискиот Исток. Ова отвара сериозно прашање во работата на ББГ – дури и да се најдат средства за финансирање на сите постоечки програми на Радио Слободна Европа, Гласот на Америка и помалите придружни програми, дали американските власти се согласни која политика треба да ја промовираат овие организации? Предлозите за реформи се, пред се, да се кратат програмите на Балканот и Турција, а да се инвестира повеќе во програмите насочени кон Иран и Блискиот Исток, но притоа отворено е прашањето кои политички движења да се поддржат, а кои да се осудат.