Австралискиот министер за надворешни работи Боб Кар ќе ја добие наградата „Пријател на Македонија“ што ја доделува Обединетата македонска дијаспора.
– Наградата му се доделува поради неговите долготрајни блиски односи со македонската заедница во Австралија и неговите контакти со македонските министри за надворешни работи на мултерателарни конференции и македонски делегации што ја посетиле Австралија.
– Тој е првиот австралиски министер за надворешни работи кој покажал почит за македонската заедница во земјата и кој ни се обраќа со Македонци, а не со „вашиот народ“, „вашата заедница“ и прв кој посетил една од македонските заедници во Австралија, се вели во денешното соопштение од ОМД.
Кар, според ОМД, увидел оти македонската заедница во Австралија дава значаен придонес во бизнисот, спортот, образованието и индустријата и оти австралискито општество е збогатено со македонската култура, наследство и традиција.
Наградата на Кар ќе му биде доделена на Гала вечера што на 5 јули ќе се одржи во Сиднеј, а е посветена на унапредување на австралиско-македонските односи.
Обединетата македонска дијаспора иста награда ќе им додели и на ко-претседавачите со австралиско-македонската парламентарна група на пријатели – Стивен Џонс, пратеник од Тросби и Лук Симпкинс, патеник од Коуан.
– Џонс и Симпкинс неуморно работат кон зајакнување на пријателските односи помеѓу Австралија и Македонија. ОМД е строго убедена дека австралиско-македонската заедница се здобила со посветени пријатели и пободници за еднакви човекови права за Македонците.
– Двајцата парламентарци неуморно и во неколку наврати ја повикуваа австралиската влада да донесе правилна одлука и да ја признае Македонија под нејзиното уставно име. Воедно, ОМД се надева дека Австралија наскоро ќе престане со ваквата дискриминаторска политика и нема да ја именува Македонија со ниедно друго име освен со уставното, соопшти ОМД.
ОМД наградата за пријателство со Македонија им се доделува на личности кои се докажале како долготрајни пријатели на Македонија и глобалната македонска заедница.
Дел од претходните добитници се иминистерот за државјанство, имиграција и мултикултурализам на Канада, Џејсон Кени, генералот-мајор Мајкл Дуби, конгресменката Кендис Милер, конгресменот Бил Паскрел, проф. Виктор Фридман, Џејсон Мико.