Надоместоците на обвинителите од СЈО под лупа на Антикорупциската комисија

Од:

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмет за високите надоместоци надвор од платата кои ги земале обвинителите од Специјалното јавно обвинителство за време на нивниот мандат, од 2015 година до годинава.

Од Антикорупциската комисија ги отвораат сите анкетни листови за имотната состојба на  поранешните специјални јавни обвинители и промените што ги пријавувале во последниве години. Претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, за „А1он“ тврди дека секоја промена во нивниот имот, вклучително и надоместоците, требало да бидат уредно пријавени во нивните анкетни листови.

„Во анкетните листови за имотната состојба постои графа за ‘други приливи’. Тука се пријавува доколку да речеме некој функционер зема хонорари надвор од платата, доколку изнајмува стан и зема кирија и слично. На овој начин обвинителите од СЈО требало да ги пријават надоместоците што ги земале надвор од платата. Патем, тоа е суштината и на анкетните листови, транспарентно прикажување на имотната состојба на сите избрани и именувани лица“, вели Ивановска.

Ако се разгледаат анкетните листови на сите поранешни обвинители од СЈО, се согледува дека никој не пријавил дека земал надоместоци од речиси 20 илјади евра годишно, надвор од редовната плата. Надоместоците во случајов биле повисоки од основната плата на обвинителите, а тие ги земале како додаток за доверливост, односно да не откриваат што чуле во „бомбите“.

Според базата „Отворени финансии“, може да се види дека обвинителите од СЈО земале од 70 илjади евра до 107 илјади надвор од редовната плата. Според пресметките, за 4 години десетте специјални јавни обвинители плус Катица Јанева зеле надоместоци од над еден милион евра.

Катица Јанева, како што веќе беше објавено, од 2015 до годинава зела надоместоци од 157 илјади евра. Веднаш зад неа се обвинителите Стевчо Донев и Елизабета Јосифоска кои добиле по 107 илјади евра. Обвинителката Лиле Стефанова зела надоместоци од 93 илјади евра, додека нејзиниот колега Бурим Рустеми 90 илјади евра.

По 87 илјади евра за 4 години надвор од редовната плата зеле Фатиме Фетаи, Љубомир Лапе, а илјада евра помалку зеле Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски. Обвинителката Ленче Ристоска зела најмалку, 72 илјади евра.

Надоместоците во СЈО се најдоа под лупа и на Јавното обвинителство. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски пред два дена изјави дека тајноста на податоците за висината на бонусите делени во СЈО се клучниот елемент кој фрла сомнеж на начинот на кој се исплаќале додатоци за доверливост. Според него, станува збор за јавни пари и нивното трошење никако не смее да биде класифицирано, а додатокот не смеел да биде повисок од 35 отсто од платата што ја земале обвинителите. Државниот обвинител посочи дека ќе ги истражат сите околности за да утврдат дали има елементи на кривично дело.

„Првичните согледувања укажуваат дека по ист основ, два пати се земало плата и ако видите апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, еве на пример еден секретар има повеќе плата од претседателот на државата. Дали тоа е оправдано, дали е тоа логично, да процениме. Но, со ова не ја прејудицирам постапката што обвинителството ја води за овој настан“, рече Јовевски.

Би можело да ве интересира

Битолчанец четири месеци силувал и уценувал 18-годишна девојка

Пандов: Јанева има право пак да побара да работи надвор од затворот, нека побара

Обвинителен акт за петмина наркодилери во случајот „Грчец“, се бараат екстрадиции од Дубаи, Хрватска и од Шпанија

Катерина Ѓуровски

Обвинителството почна истрага за сообраќајката на автобусот на ЈСП

Катерина Ѓуровски

Катица Јанева го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“

Катерина Ѓуровски

Судир на Антикорупциска и Судски совет за Академијата за судии и обвинители