Над 450 деца Роми, чии што семејства се во социјален ризик, се ослободени од плаќање партиципација за посетување на градинка, во рамки на блок дотациите што локалните самоуправи ги добиваат од Министерството за труд и социјална политика, соопшти Кабинетот на дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.
Во соопштението се наведува дека почнувајќи од декември 2018 година, Министерството за труд и социјална политика, системски ја решава инклузијата на децата Роми со вклучување на единиците на локална самоуправа, како дел од зацртаните цели од Националната Стратегија за Роми 2014-2020.
– Раниот детски развој е основата за понатамошниот развој и едукација на секој поединец и токму затоа МТСП изминатите две и пол години посветено и силно работи на вложување во раниот детски развој. Инвестирано е во вкупно 43 градинки, а истовремено се јакнат и професионалните компетенции на воспитувачите, преку различни програми но и со зголемување на платите. Само во текот на минатат година платите на вработените во градинките се зголемени за 26 отсто, се наведува во соопштението.