Над 400 лица лани биле под посебни истражни мерки: Дел од операциите продолжиле и годинава

Од:

Државниот обвинител Љубомир Јовески во вторник пред членовите на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите ќе треба да ги образложи минатогодишните следења на комуникациите на граѓани, а за кои обвинителството се сомневало дека сториле кривично дело. Обвинителството лани дало налог да се следат 413 лица со утврден идентитет и 2 лица со неутврден идентитет. Според нив, со примената на посебните истражни мерки се обезбедувале докази во вкупно 53 случаи по кои лани постапувале јавните обвинителства. Во пет од случаите, мерката продолжила и годинава.

„Мерката „следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон“ е применета во вкупно 37 случаи, против 175 лица од кои 173 со утврден идентитет и 2 лица со неутврден идентитет. Во 7 случаи примената на мерката траела до 1 месец, во 18 случаи до 2 месеци, во 2 случаи до 3 месеци, во 7 случаи до 4 месеци, во 3 случаи до 6 месеци и во 1 случај до 12 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки во 8 случаи е поднесено обвинение, во 18 случаи е запрена истражната постапка, бидејќи не се обезбедени доволно докази, во 1 случај мерката е прекината и во 5 случаи мерката е во тек“, стои во извештајот со потпис на државниот обвинител Љубомир Јовески.

Овие мерки се употребувале во повеќе случаи и биле опфатени многу лица: 112 лица во 27 случаи за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, 18 лица во 2 случаи за делото „Примање поткуп“ и исто токолку за кривичното дело „Злосторничко здружување“. Се следеле и 11 лица во 1 случај за делото „Терористичка организација“ исто толку и за делата „Тероризам“, „Служба во непријателска војска“ и „Финансирање на тероризам“, три лица во 1 случај „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а се следеле и комуникации за делата „Изнуда“, „Прикривање“, „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, „Криумчарење на мигранти“ и „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“.

Обвинителите дале налози да се снимаат и домови и возила за три лица во два случаи. За два предмети се следеле приватните имоти, а поврзано со делата: „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Примање поткуп“, како и „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанциии прекурсори“ и „Злосторничко здружување“. Во еден случај примената на мерката траела до 2 месеци, а во другиот случај, случај до 4 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки во 1 случај е донесена пресуда, а во еден случај постапката е во тек. Во 2021 година оваа мерка воопшто не беше применета.

Надвор од приватна сопственост пак, се следеле и снимале 182 лица со утврден идентитет во вкупно 42 случаи. Во 12 случаи примената на мерката траела до 1 месец, во 19 случаи до 2 месеци, во 1 случај до 3 месеци, во 8 случаи до 4 месеци, во 3 случаи до 6 месеци и во 1 случај до 12 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки, во 12 случаи постапката е запрена поради тоа што не биле обезбедени доволно докази или поради протек на времето за кое е определена мерката, во 9 случаи поднесено е обвинение, во 2 случаи донесени се пресуди врз основа на спогодба, во 1 случај мерката е прекината и во 3 случаи мерката е во тек.

Обвинителството имало и увид во остварени телефонски и други електронски комуникации кај две лица во два случаи за „Криумчарење на мигранти“. Едниот случај веќе има пресуда поради признавање на вина, додека пак во едниот случај, во тек е примената на мерките.

Од следењето на комуникациите, обвинителството не ги искористило мерките „таен увид и пребарување во компјутерски систем“, „автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на лични податоци“, „отварање симулирана банкарска сметка“ и „симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци“, а се користеле методи како „користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи“, „симулиран откуп на предмети“, „симулирано давање и примање поткуп“ и „контролирана испорака и превоз на лица и предмети“.

Најприменувани посебни истражни мерки во континуитет се мерките „следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации“ и „тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен“, бидејќи според обвинителството, тие дале и најдобри резултати. Посебните истражни мерки пак, најмногу се користеле за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и перкурсори“, а за другите кривични дела, овие мерки се определени во помалку случаи.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителството да не чека, веднаш да постапи по Извештајот на ДЗР

Горан Наумовски

ОЈО: Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

ОЈО предложи притвор за учесниците во тепачката со пукање во Чаир

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

Во „Синџир“ обвинети петнаесет лица вработени во УЈП