МЗД: Претседателот Иванов да стави вето на Законот за абортус

Од:

„Претседателот Иванов да го искористи уставното право и да не го потпише указот за прогласување на Законот за прекинување на бременостa“.

Во барањето на Мрежата за заштита од дискриминација остро се реагира на текстот на Законот за прекинување на бременостa, како и на начинот на кој овој закон е увоен.

– При донесувањето на Законот целосно се игнорирани најновите стандарди за унапредување на репродуктивните права на жената. Законот е дел од еден континум од настани, кампањи и изјави на политичари кои имаат за цел дополнително зацврстување на позицијата на жената како репродуктивна машина. Женската слобода и животните избори се ограничени на носење и раѓање деца – се вели во соопштението.

Според Мрежата за заштита од дискриминација, абортусот единствено ја засега жената, па секое негово ограничување ја става жената во понеповолна положба од мажот, бидејќи мажот никогаш нема да може да биде во позиција да го прави тој избор.

Собранието вчера по скратена постапка го донесе Законот за прекинување бременост. Опозицијата не учествуваше во расправата и на гласањето и законот помина со еден глас против од пратеникот на Либералната партија Ивон Величковски. И покрај бројните протести на невладините организации пред Собранието, тие не успеаја да издејствуваат промена на усвоениот закон.

Во последната анализа на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. пред донесување на законот, стои дека укинувањето на задолжителното информирање на брачниот парнер пред прекинување на бременоста, измена која ја направи министерот Тодоров не менува ништо конкретно во законот. Според Х.Е.Р.А., во таква форма Законот се’ уште бил рестриктивен бидејќи останале задолжителното поднесување на барање, чија форма ја одредува Министерот за здравство, задолжителното советување и задолжителното чекање од три дена.

Во Законот за прекинување на бременост, остана задолжителното писмено барање од жената, чија форма и содржнина, како што велат од Х.Е.Р.А. не е позната, а ја утврдува министерот. Во стариот закон од 1972 година, пак, се вели дека жената не мора да поднесува писмено барање, туку само ја посетува здравствената установа да ја добие услугата.

Како можни последици од измените во новиот закон се набројуваат и потценувањето на жената барајќи дозвола да го оствари своето право на избор, како и барање на небезбедни места за вршење на абортус каде нема потреба да се пополнува барање.

Исто така, новиот закон предвидува и задолжително советување на бремената жена за предностите доколку се одлучи на продолжување на бременоста, член кој го нема во постоечкиот закон. Во стариот закон стоеше дека не е потребно задолжително советување на бремената жена, освен моментот кога докторот ќе ја предупреди за можните последици од абортусот.

За разлика од усвоениот Закон за абортус, со кој се пропишува казна до 3.500 евра за докторот доколку не ја информира бремената жена пред прекинување на бременоста, во постоечкиот закон ниту една од казните не се однесува на докторот. Со задолжителното советување, како што објаснуваат од Х.Е.Р.А. кое не е медицинско, преку потценување и вршење емотивен притисок од страна на докторот, ќе се загрози правото на жената самостојно да донесе одлука.

Во новиот закон остана и одредбата „задолжително време на чекање од 3 дена по советувањето за да се добие одобрение за абортус“. Ваква одредба не постоеше во стариот закон. Со ваквите измени, посочуваат од Х.Е.Р.А. жените ќе бараат услуги за вршење абортус каде нема потреба од чекање, со што ќе бидат изложени на здравстве ризик.

Сепак, министерот за здравство, Никола Тодоров како овластен предлагач на Законот, по расправите во собраниските комисии, направи измени во текстот на предлог законот. Но, и со овие измени, како што стои во анализаната на Х.Е.Р.А, Тодоров повторно посака да ги манипулира јавноста и невладиниот сектор.

Вкупно 91 организација од целиот свет преку писмо изразија поддршка на иницијативата на македонските организации во борбата за повлекување на Предлог – законот за прекинување на бременоста, Но, Тодоров сметаше дека не треба да се повчеле новиот закон, образложувајќи дека не смее да се забрани абортусот, но дека треба да се регулира со закон.

Три дена порано, во рамки на расправата на собраниската Комисија за здравство, тој потенцираше дека при носењето на вакви закони, не може да се постигне согласност од сите страни.

– За абортусот не може да одлучува организација која ги штити правата на ЛГБТ заедницата. Тие се ултралиберални – рече Тодоров.

Како што напомена министерот, не може да се очекува постигнување согласност меѓу пролибералните и конзервативните ставови околу ова прашање. Меѓу другото, тој објасни дека „не се залага ниту за либерален абортус, ниту за конзервативно уредување“. Сепак, во неколку наврати, министерот Тодоров, рече дека Законот за прекинување на бременоста ќе биде еден од најлибералните во Европа.

– Абортусот не се забранува, не се ограничува. Напротив земаме еден ултралиберален модел, којшто е холандски и ги уредуваме финесите – рече Тодоров.

Претходно, на 30 мај, 72 невладини организации поддржани со уште 26 индивидуални потписи, испратија барање до министерот за здравство Никола Тодоров да го повлече Предлог- законот за прекин на бременоста.

Во барањето на граѓанскиот сектор се велеше дека носењето на ваков закон во скратена постапка претставува недемократски процес, кој се коси со сите интернационални декларации и повелби, чии потписник е Македонија. Според нив, стариот закон од 1972 година обезбедува широка рамка на слободи и права за жената и побараа да не се менува.

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

ЛДП со иницијатива: Да се воведат лековите со кои се врши медикаментозниот абортус на позитивна листа на лекови

Доналд Трамп: Забранувањето на абортусот по 15-та недела од бременоста изгледа разумно

Франција абортусот го прогласи за уставно право

Форумот на жени на ЛДП: Таблетарната терапија за прекин на бременост да биде дел од позитивната листа на лекови

Индискиот Врховен суд: Сите жени имаат право на абортус

А1он

Абортусот забранет во уште три американски држави

Горан Наумовски