Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 774.422 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.955 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.062 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.465.229 дози вакцини, а ревакцинирани се 690.806 граѓани, информира Министерството за здравство.
Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопштува МЗ.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител, велат од Министерството.
Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, порачува Министерството за здравство.