МВР за време на вонредната издало 45.000 пасоши, одлука за отворање на границите следната недела

Од:

Од почетокот на вонредната состојба досега Министерството за внатрешни работи издало речиси 45.000 пасоши. Од Министерството велат дека е надмината пасошката криза од почетокот на годината, но не даваат прецизни податоци со колкави резерви на обрасци за пасоши располагаат во моментот.

„Моментната состојба на обрасците за пасоши е на задоволително ниво и пасошите се издаваат непречено без никакви проблеми“, одговорија од МВР на прашањето од „А1он“ кога и колку обрасци за пасоши им стигнале по пасошката криза.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во јануари годинава ги извести граѓаните дека снемува обрасци за пасоши наспроти големиот број барања за издавање. На средината на февруари тој рече дека имаат приближно 17.000 барања за издавање пасоши, а обрасци за 3.600-3.700. Во МВР се размислуваше да се стави надвор од функција системот за закажување за пасоши поради недостигот, но по многуте реакции во јавноста, министерот Чулев рече дека граѓаните може да закажуваат термини, но ќе им се издаваат пасоши само на лица што имаат ургентни медицински потреби. Формира и комисија со девет члена, меѓу кои и лекар, за одобрување на ургентните пасоши.

Mинистерот Чулев во февруари годинава ги извести граѓаните дека снемува обрасци за пасоши

Од МВР велат дека оваа комисија функционирала еден месец.

„Деветчлената комисија за одобрување пасоши при МВР функционира од 19.2.2020 година до 18.3.2020 година. За овој период даде одобрение, односно позитивно мислење, за вкупно 743 одделни молбени барања за пасоши“, велат од МВР за „А1он“.

Вината за недостигот на обрасци за пасоши министерот Чулев посочи дека е кај неговиот претходник, актуелниот технички премиер Оливер Спасовски, обвини за незаконска јавна набавка на обрасци за лични документи и поднесе низа известувања и кривични пријави до Обвинителството за пасошката криза.

„Што се однесува до поднесоците и кривичните пријави поврзани со пасошката криза, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има добиено наредба за прибирање докази во врска со поднесоците со пасошката криза“, велат од МВР.

Премиерот Спасовски ги повика надлежните органи да го истражат случајот со пасошката криза и да ја утврдат одговорноста

Премиерот Спасовски, пак, на обвинувањата одговори дека не бега од одговорност доколку е негова и ги повика надлежните органи да го истражат случајот.

И покрај тоа што од МВР уверуваат дека постапката за издавање пасоши тече и покрај ограничувањата поради коронавирусот, на 15 мај со уредба беше продолжена важноста до 31 јули на патните исправи и возачките дозволи, чиј рок истекува за време на вонредната состојба.

Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба поради епидемијата на 18 март. Од тогаш двапати ја продолжуваше, а важноста на третата вонредна состојба истекува утре.

Сите гранични премини на Македонија поради коронавирусот беа затворени на 16 март со одлука на Владата. За нивно отворање министерот за здравство, Венко Филипче, денес најави дека ќе одлучуваат следната недела.

„Не може вечно да живееме со затворени граници и со рестрикции. Некои веќе најавија дека ќе ги отворат граничните премини за нашата земја. Утрово од Бугарија добивме известување дека од понеделник ја отвораат границата за нас. Ние сè уште стоиме на ставот дека мора да има регионален пристап за ова прашање. Одлуката за границите ќе ја носиме следната недела“, рече министерот Филипче.

Заедно со одлуката за границите, Комисијата за заразни болести ќе ја носи и одлуката за воведување карантин во одредени општини и региони доколку бројот на новозаболени продолжи да расте.

Би можело да ве интересира

Милошоски: ЕУ земји донеле одлука да ги признават пасошите до септември, Османи ја криел одлуката

Анита Петровска Рајковиќ

Тошковски ќе бара решение како да гласаат над 100.000 граѓани кои немаат лична карта, а имаат пасош без „северна“

Орце Костов

Народен правобранител: Најдовме готови документи на граѓани, а МВР нема увид дека се подигнати

Горан Наумовски

Нема продолжување на рокот на пасошите, граѓаните ќе мора да се туркаат во МВР

Орце Костов

МВР: Скопјани електронски можат да проверат дали им е изработен пасошот

Тошковски: Стариот пасош важи во Германија и Швајцарија, а не важи кај нас, срамота е

Орце Костов