Дневник, Вест, Утрински весник, Вечер и Нова Македонија се весниците кои ги набави министерството за внатрешни работи за период од две години.
Изданијата на МПМ под чија капа се Дневник, Вест и Утински Весник со постапка за преговарање без претходно објавување оглас се набавени за 2.099.809 денари со вклучен ДДВ или околу 34 илјади евра.
Во МВР ќе го читаат и весникот Вечер. За две години весникот, од министерството ќе инкасира 887.183 денари со вклучен ДДВ или околу 14 илјади евра.
И весникот Нова Македонија ќе се чита во МВР. За разлика од Дневник, Вест, Утрински весник и Вечер, весникот зад кој стои Минчо Јорданов е набавен најефтино или за 374.400 денари со вклучен ДДВ или околу 6.000 евра за две години.
Министерството за внатрешни освен домашни, набави и странски весници за 520.000 денари или за околу 8.500 евра за период од две години.
Со странски весници МВР ќе го снабдува фирмата ДИПРЕС- ДООЕЛ Скопје.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на неколку прес конференции објави телефонски разговори каде високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ нарачуваат текстови во некој од наведените весници но и овозможуваат простор за плодна соработка со еден весник под капата на МПМ.
Една од бомбите на Заев, како што тогаш посочи лидерот на СДСМ, беше разговор помеѓу поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкуловска и екс директорот на УБК и братучед на Груевски, Сашо Мијалков.
Според лидерот на СДСМ тие договараат текстови во МПМ.
Транскрипт
ГЈ: Ало
СМ: Горде, шо праиш?
ГЈ: Еве си работам, ти шо праиш?
СМ: Само сакам да те прашам дали ти се јави Срѓан?
ГЈ: Да, да, се слушнавме и му дадов податоци.
СМ: Значи, брзо реагира, добро.
ГЈ: Да, да.
СМ: Мене премиерот ми ја препрати твојата порака и јас на основа на таа порака ажурирав, така да речам. И…
ГЈ: Да, да, да. Се јави и му кажав и плус се договоривме и претходно од кај нив…Имаат они некој таму комуњар шо ги бутка темиве.
СМ: Види, ти за тоа не се секирај. Значи, за тоа што е под нивната групација, тие три новини, уживај, остај го тоа на мене, уште неколку дена, и тоа има сé да биде средено и да биде…
ГЈ: Да де, да. Абе види, ние треба да им кажуваме.
СМ: Да, и ќе си имаме комуникација со нив.
ГЈ: Да де, да. Знаеш, оти на нив не им е у видно поле тоа нас што ни е.
СМ: Тебе ќе ти биде озвозможена директна комуникација, разбираш, да имаш. Ќе знаеме тачно кој е контакт, разбираш, да си имаш…
ГЈ: Да де, да. Оти, еве никој не праеше тест, они правеа за тужбите за МВР. Тоа е стара тема.
СМ: Види, уште таму не е преземена власт, така да речам.
ГЈ: Да де, да.
СМ: Ќе се преземе за некој ден и тоа ќе се среди и не се секирај за тоа.
ГЈ: Супер, супер.
СМ: Него, да видиме со овие другиве говеда шо ќе се праи, иначе за овие ич не се секирај. Тоа е таму под моја контрола и не треба уопште да се секираш.
ГЈ: Супер.
Во друг телефонски разговор објавен од СДСМ за кој се тврди дека е помеѓу шефот на кабинет на Никола Груевски, Мартин Протоѓер и уредникот на Сител, Драган Павловиќ-Латас, опозицијата обвини токму овие двајца си поигруваат со човечки судбини.
ДПЛ: Кај си бе директоре?
МП: Ало?
ДПЛ: Кај си директоре?
МП: Е извини, добро бе добро еве у Охрид нешто, слушај…
ДПЛ: А…
МП: Ќе ти даам ексклузивно, му јавив и на Горан…една фотографија шо на Сител ќе иде, на директор на школо во Охрид, на средно школ,о со средношколку у џакузи и со шампањ…
ДПЛ: Хахаха, па дај и во Вечер…
МП: У вечер да ја пукнеш на насловна
ДПЛ: На насловна да
МП: Близок пријател на Ацо Петревски, близок пријател на Ацо Петревски, еве ги вредностите на С…
ДПЛ: А он го поставил?
МП: Он го поставил, да…да
ДПЛ: Аоо…
МП: И невидено со шампањ, со ученички чоече малолетни пијат шампањ и овој директоров … значи ќе видиш у Банско е тоа… у Банско…
ДПЛ: Па и добро ги однел у странска држава, нема кривично дело…
МП: Хахаххаха
ДПЛ: Хахахах…добро му текнало
МП: Не ова е скандал, ние вечерва ќе му правиме протести чуда, чудо ќе биде…ова топ тема треба да го напраиме…
МП: Види сеа што праиме… Денеска тоа утре поврзуваме тоа како начин и стил на владеење на ес де ес, знаеш?
ДПЛ: Види, таму е тоа рецимо битно да се формилира како лоша препорака за родителите кого го гласаат на овие избори…
МП: Да да да…
ДПЛ: Од тие родители еден ќе му ја учука на улица па што сака нека биде
МП: Да да даа… Не бе ја протести му праам на него, ќе видиш… лом ќе биде лом…