По објавите на „А1он“ дека цели приколки почнало да им снемува на камперите во Спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“, Министерството за внатрешни работи потврди дека кражбите се зачестени поради што ги зголемиле и контролите околу комплексот. Од таму уверуваат дека се работи на расветлување на сите пријавени кражби.
„Во полициско одделение Сарај, Сектор за внатрешни работи Скопје, евидентирани се зачестени пријави на кражби и тешки кражби од и на камп приколки. Во оваа насока од страна на полициско одделение Сарај во координација со Единица за внатрешни работи Ѓорче Петров зајакнато е присуството на полициски службеници во овој дел, при што се преземаат соодветни мерки и активности согласно целиот процес. Зајакната е контролата на лица и возила кои влегуваат и излегуваат во и од локалитетот ’Езеро Треска’. Согласно преземените мерки и активности расветлена е една кражба на камп-приколка која со потврда е одземена од сторителот и вратена на сопственикот. Против сторителот се поднесени соодветни поднесоци “, велат од МВР.
На утврдување и казнување на сторителите на останатите пријавени кражби, МВР се уште работи. Во полициското одделение Сарај се повикуваат на разговор лица против кои по целосно документирање, од МВР најавуваат дека ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Минатата недела „А1он“ објави кражба на една од камп-приколките која сопственикот ја најде оставена покрај патот кон селото Бојане, неколку километри од „Езеро Треска“. Откако почна уривањето на дотраените објекти на „Езеро Треска“ минатиот месец, камперите, но и скопјани кои таму одат на прошетки, алармираа дека од некогашниот спортско – рекреативен центар се краде што може да се однесе.
Камперите имаат рок до крајот на овој месец сами да се иселат оти Општината најави реализација на Деталниот урбанистички план кој предвидува изградба на хотелски комплекс со базени, аква – парк и ресторани.
Камперите, пак, најавија дека нема да се селат, инсистираат да се превиди локација и за нив и најавуваат институционална борба за „Треска“ да остане на сите граѓани, а не привилегија само на оние што ќе имаат да платат.