Муцунски: Проширувањето на ЕУ е неопходно за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент

Од:

Проширувањето на Европската унија на Западен Балкан не е неопходност за Унијата само од економски и трговски причини, туку е неопходност за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за време на неговото учество на Делфи економскиот самит во Грција, истакнувајќи дека во ЕУ постои јаз меѓу ветувањата и исполнувањата.

Шефот на дипломатијата говореше за ЕУ перспективата на земјава, за односите со САД и за трансатлантската соработка, додека пак неговото обраќање го започна со благодарност до Грција и грчкиот народ за помошта за нашата земја по трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, заблагодарување што со аплауз беше поздравено од присутните.

Муцунски истакна дека „животите на неколку лица беа директно спасени од грчките доктори“, се осврна на неговата посета на болниците во Солун, каде што се хоспитализирани петмина повредени.

– Она што можам да го кажам е дека искрената солидарноста што ја покажавте, како од Владата така и од луѓето и од медицинските професионалци е нешто што ќе остане засекогаш во сеќавањето на мојот народ и ви благодарам за тоа, рече министерот.

Панел-дискусијата беше на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“, а шефот на дипломатијата рече дека САД се огромен инвеститор и на политичка и на безбедносна, но и на економска стабилноста во регионот.

Детално говореше за заканите и ризиците што доаѓаат од Кина, Русија, Северна Кореа, Иран за регионот.

– Опасноста од интеракција меѓу Кина, Русија, Иран и Северна Кореја е нешто што не сме го сфатиле доволно сериозно и тоа го велам и од политичка, безбедносна, но и од економска и трговска перспектива. Овие земји, од американската влада, би рекол дека се гледаат како стратешка конкуренција и стратешка закана, посочи министерот и додаде дека во Европа постојат различни пристапи и на тоа како на пример се гледа кон Кина.

Во однос на НАТО рече дека го менува својот пристап за многу работи и „се менува за да стане посилна алијанса, а не послаба Алијанса“, истакнувајќи дека САД инвестира во стабилноста, но секоја од земјата треба да покаже одговорност и да ги идентификува заканите и од европска, и од регионална и од глобална перспектива.

Говорејќи за нашата европска перспектива, ги потсети присутните дека оваа година се навршуваат 20 години од кандидатскиот статус, а сè уште не се почнати преговорите, истакнувајќи дека „сме жртва на билатерални критериуми одново и одново“.

Истакна дека ЕУ дозволува да постои вакуум на Западен Балкан, а тоа е поради „јазот помеѓу обврските и испораката односно меѓу ветувањата што ги има дадено во нашиот регион и недостатокот на испорака“ со што според министерот, дозволува влијание на одредени актери како што се Русија и Кина.

– Пораката што ја испраќаме до Брисел и до земјите членки е дека е неопходно да се најде опиплив пат за Западен Балкан да оди напред и начин да се затвори јазот помеѓу обврските, многуте прозорци на можност што ни беа ветени во минатото, фраза што често се употребува, сега е можноста, сега е моментумот, но испораката од Европската Унија секогаш недостигаше. Од оваа перспектива, она што би можел да го кажам е дека еден од најсилните опипливи поддржувачи на проширувањето на Европската унија отсекогаш биле Соединетите Американски Држави и е нешто што треба да го имаме предвид. Да, САД не се членки на ЕУ, но Соединетите држави имаат интерес во стабилноста на регионот, порача шефот на дипломатијата.

На маргините на Економскиот форум во Делфи Муцунски имаше средба со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, кој срдечно го пречека, а самата средба помина во пријателска атмосфера.

Муцунски преку социјалните мрежи потенцираше дека средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на дипломатските односи.

На средбата, како што стои во објавата на Фејсбук, била нагласена заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.

Во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се посочува дека двајцата министри ја нагласиле заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.

Би можело да ве интересира

Додик: Ваква Европа нема иднина и тешко може да се спаси

Русија отфрла какво било присуство на европски трупи во Украина

Мерц: Коалицијата на конзервативците и СПД е сигнал дека Европа може да се потпре на Германија

Пентагон размислува за повлекување на илјадници војници: Европа е загрижена за плановите на Вашингтон

Маск: Се надевам дека во иднина ќе има целосно слободна трговија меѓу САД и Европа

(ВИДЕО) Големо невреме во Грција, силните ветрови корнеа дрвја, многу автомобили се превртени