Министерството за труд и социјална политика ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека е блокиран проектот за изградба на дом за стари лица во општина Гази Баба.
„Со ребалансот на буџетот беа скратени средствата за почеток на изградба на домот, од причина што проектот не може ни да започне поради нерешени имотно-правни односи, односно за еден објект се одвива постапка за експропријација преку Државното правобранителство. На барање на Државното правобранителство, Министерството за труд и социјална политика се обрати до општина Гази Баба за да се обезбедат потребните информации за објектот за завршување на постапката за експропријација и со тоа да се овозможи конкретната реализација на овој проект.
Финансиските средстава за домот за стари лица во Гази Баба ќе бидат издвоени тогаш кога ќе има реална можност да се започне со изградба, спротивно на досегашната практика на креирање лажни буџети.
Во врска со неоснованите обвинувања дека Владата не води грижа за пензионерите и постарите лица, напоменуваме дека токму вчера, на седница на Советот за социјална сигурност, се усвоија низа проекти за унапредување на социјалната сигурност и стандардот на пензионерите, што е само почеток на мерките и реформите кои ќе ги спроведеме во наредниот период“, се вели во реакцијата од Министерството за труд и социјална политика.