Министерството за труд и социјална политика денеска изврши вонреден инспекциски надзор и увид во објект на ул. 173 бр.8 во Скопје, врз основа на сознанијата за постоење нелегална установа со назив „Блета“, која згрижувала деца од предучилишна возраст и вршела воспитание од верски карактер.
Надзорот е извршен врз основа на одредбите од Законот за заштита на децата, а по добиени информации за обавување на дејност: згрижување и воспитание на деца, во установа која не е заведена во Регистерот на установи за деца при Министерството за труд и социјална политика, односно спротивно на законот.
При инспекцискиот надзор, во посочениот објект не биле затекнати деца, ниту пак вработени лица, а надворешниот изглед и уредувањето на дворот, упатуваат дека таму се одвивале активности од воспитувачко-згрижувачки карактер.
Министерството за труд и социјална политика испрати официјално известување до Министерството за внатрешни работи во врска со минатонеделниот увид во неколку објекти, кој беше извршен на 21 јули 2017 година, а во текот на денот ќе го достави и записникот од денешниот надзор.
МТСП и понатаму ќе го следи овој случај и ќе постапи доколку се констатира промена на состојбата.