Министерството за труд и социјална политика реагира на денешната прес-конференција на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
„Во врска со прес конференцијата на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и родители на деца од градинката „Кочо Рацин“ ве известуваме дека надлежноста на Министерството за труд и социјална политика е во делот на давање согласност за вработување, додека самото вработување и распределување на кадарот е во надлежност на општините, односно на директорите на установите за детска заштита. Министерството може да реагира само во случај кога се прекршени одредбите од Законот за заштита на децата, каде што децидно се наведени случаите кога е сторена повреда во делот на заштита на децата згрижени во установи за деца.
Во ова прилика ве известуваме дека Министерството за труд и социјална политика е целосно посветено на надминување на наследените проблеми во јавните установи за деца – детски градинки и дека се обезбедени услови за непречено функционирање и за непречена грижа за децата корисници. За таа цел, продолжени се договорите за вработување на определено време. Во меѓувреме, Министерството прави детална анализа на секоја установа поединечно, по што ќе следи трајно решавање на кадровските проблеми кои во градинките ги создаде претходната Влада, држејќи ги во постојана неизвесност воспитувачите, родителите и децата“ се вели во реакцијата на министерството за труд и социјална политика.