Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја изработи Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година според која вкупните приходи изнесуваат 2.432,95 милиони денари и се намалиле за 0,76% во однос на претходната година. МРТ и комерцијалните радија оствариле помалку приходи отколку во претходната година, комерцијалните телевизии ги зголемиле вкупните приходи. Финансискиот резултат за целата индустрија е дека со загуба работеле и јавниот сервис и комерцијалните радиодифузери.
Како што соопшти АВМУ, со анализата е опфатено економското работење на радиодифузерите во 2019 година, односно податоците за вкупните приходи, уделите на радиодифузерите во вкупните приходи, структурата на приходите, вкупните трошоци, уделите во вкупните трошоци и структурата на трошоци, резултатот од работењето и просечниот број на вработени во редовен работен однос, како и податоци од мерењата на телевизиската и радиската публика во 2019 година.
На почетокот од 2019 година програма емитуваа 53 комерцијални телевизии, 67 комерцијални радиостаници и три непрофитни радиостаници.
Одземени беа дозволите на вкупно пет радиодифузери: сателитската телевизија ТВ Канал 5 Плус2 , регионалните телевизии ТВ Скопје3 и ТВ К Три4 (на трите поради неплаќање на надоместокот за дозволата во законски утврдениот рок), локалната ТВ Хана5 (дозволата престана да важи по сила на закон, откако оваа телевизија ја извести Агенцијата дека престанала со емитување на програма) и 1ТВ6 која емитуваше програма преку јавна електронска комуникациска мрежа на државно ниво (поради неисполнување на минималните кадровски услови).
Беа доделени вкупно три дозволи: на ТВ Кисс&Менада7 за телевизиско емитување на регионално ниво, на РА Јон8 за емитување радиопрограма на државно ниво, и на непрофитното радио Марија-Благовест9 за емитување на локално ниво (одлуката за доделување дозвола на ова радио беше донесена на крајот од 2018 година, а дозволата за работа му беше издадена во февруари 2019 година).
На крајот од анализираната година, покрај јавниот сервис програма емитуваа уште 49 телевизии и 72 радиостаници.
Вкупните приходи во индустријата изнесувале 2.432,95 милиони денари. Од нив, 38% се приходите на јавниот сервис, 56% на комерцијалните телевизии и 6% на комерцијалните радиостаници.
Во споредба со претходната година, вкупните приходи се намалиле за 0,76%
МРТ и комерцијалните радија оствариле помалку приходи отколку во претходната година, комерцијалните телевизии ги зголемиле вкупните приходи
Најголем дел од приходите (1.392,58 милиони денари) биле од рекламирање. 894 милиони денари од приходите се средствата од државниот буџет префрлени на Македонската радиотелевизија, а останатите 146,37 милиони денари се приходи остварени по различни основи
Заедничките приходи од рекламирање изнесувале 1.392,58 милиони денари. Вкупно, односно 90,95% од овој износ оствариле комерцијалните телевизии, 8,12% комерцијалните радиостаници, а само 0,93% МРТ.
-Вкупните приходи од рекламирање се повисоки отколку во претходната година, но тоа се должи на платеното политичко рекламирање за време на претседателските избори. Без овие износи, приходите од рекламирање продолжуваат да се намалуваат и оваа година, се наведува во анализата.
Вкупните трошоци во индустријата изнесувале 2.963,34 милиониденари, што е за 16,78% повеќе отколку во претходната година.
Најголем дел од нив биле направени од МРТ (49,13%, односно 1.455,83 милиони денари) и од комерцијалните телевизии (46,03%, односно 1.364,12 милиони денари). Останатите 4,84% се трошоците на комерцијалните радиостаници (143,39 милиони денари).
Трошоците на МРТ биле за 49,93% повисоки отколку во претходната година, а трошоците на комерцијалните телевизии и радиостаници од година в година бележат благ пад.
Во 2019 година, за прв пат во последните пет години трошоците на МРТ ги надминале заедничките трошоци на комерцијалните телевизии.
Финансискиот резултат од работењето на целата индустрија бил загуба од 534,80 милиони денари. Со загуба работеле и јавниот сервис и комерцијалните радиодифузери, стои во анализата на АВМУ.