Членките на мрежата за заштита од дискриминација најостро го осудија настанот во трговскиот центар Скопје Сити Мол, чие раководството според електронска пошта испратена до фирмата „Land Service“, побара вработените од ромска националност да бидат отстранети од одделот за храна.
-Потенцираме дека Комисијата за заштита од дискриминација, која вчера преку соопштение го осуди настанот, треба во најкраток временски рок да постапи по предметот и преку свое мислење, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, да утврди директна дискриминација врз расна и етничка основа, како резултат на која беше повреден личниот и моралниот интегритет, достоинството и угледот на лицата роми вработени во „Land Service“ и нивната приватност и правото на достапност на секое работно место под еднакви услови. Комисијата за заштита од дискриминација треба итно да поведе прекршочна постапка, со која ќе утврди двојна одговорност за извршена дискриминација, како од страна на одговорното лице така и од страна на правното лице – трговскиот центар Скопје Сити Мол.
Соодветната реакција од релевантните институции во вакви моменти е од исклучително значење, бидејќи пропуштањето да се даде заштита на жртвите на дискриминација, особено на јавно обзнанетите дискриминаторски практики, може да резултира со обесхрабрување на жртвите да бараат заштита, а охрабрување на сторителите.
Затоа, го поттикнуваме и Јавното обвинителство да се вклучи во случајот и да го истражи евентуалното постоење на кривична одговорност за расна дискриминација (член 417 од Кривичниот законик) поради повреда на основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, сторена врз основа на разлика на раса, боја на кожа, националност или етничко потекло.
Мрежата за заштита од дискриминација, преку Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, стапи во контакт со жртвите на дискриминација во споменатиот случај и им ја понуди својата правна и организациска помош во напорите да обезбедат правна заштита. Оваа мрежа има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација, се вели во соопштенито.