МПЦ го почна обединувањето со ПОА на Вранишковски, распределбата на епархиите ќе биде усогласена со српската црква

Од:

Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, донесени се неколку одлуки, кои е потребно да се усогласат со СПЦ, а потоа за нив ќе биде информирана и јавноста, изјави денеска митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод, на која, како што беше најавено уште вчера, требаше да се расправа за обединувањето со ПОА, со што треба да се финализира договорот меѓу македонската и српската црква.

-Денеска заседаваше Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во полн состав, со мал исклучок на неколку архиереји, кои се во странство и еден архиереј, кој не можеше да дојде, но имаше свое полномошно за да се гласа доколку има потреба, но бидејќи одлуките се носеа воглавно едногласно, без никакви издвојувања денеска почна процесот за интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, изјави владиката Тимотеј.

Митрополитот Дебарско-кичевски и портпарол на МПЦ-ОА, истакна дека се донесени неколку одлуки и како што одговори на новинарско прашање тие се поврзани со поделбата на епархиите, но напомена дека за јавноста ќе бидат познати по усогласувањето со српската црква.

Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој, како што кажа, треба да почне на 14 или 15 мај.

Владиката Тимотеј истакна дека на седницата не се говорело за админситративното име на МПЦ.

-Нема што да се зборува, тоа останува, независно кој како сака да не нарекува, рече Тимотеј, додавајќи дека околу тоа нема поделени мислења во Синодот.

Со СПЦ има начелен договор околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени. Се очекува тоа да биде направено со прераспределба на постојните епархии на МПЦ-ОА. Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија на територијата на земјава и во дијаспората е организирана во 12 епархии, од кои осум се во државата, а четири се во дијаспората.

По повеќе од половина век, минатата година СПЦ и додели статус на целосна независност на МПЦ-ОА по заедничка литургија во Белград. Ова следеше, откако на 9 мај на заседание на Светиот Синод на Вселенската патријаршија, предводен од вселенски патријарх Вартоломеј се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значеше дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. Тогаш се остави на СПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

На минатогодишниот собор на СПЦ беше одобрено канонското единство со МПЦ-ОА, со што беше решен спорот, кој датира од 1967 година кога МПЦ се одвои од СПЦ.

Би можело да ве интересира

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски

Г.г Стефан: Собрани сме да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена

(ВИДЕО) Поглаварот Стефан: Жената ја изедначуваат со мажи кои никогаш нема да бидат жени

Горан Наумовски