Понудата на францускиот претседател Франсоа Оланд да помогне да се реши спорот за името отвори прашања, како во Македонија, така и во Грција, но колку е тој во можност и дали навистина може да се очекува негово посредство во овој проблем е прашањето кое се поставува во овие две земји.
– За Поранешната Југословенска Република Македонија, јас потсетив дека Франција е подготвена да бара решение, поради квалитетниот однос што го имаме со Грција. Вистина е дека прашањето за името го блокира моментално процесот и ние не може да застанеме тука. Значи Франција е подготвена да ја игра, и за ова прашање својата улога во промовирање на разбирање на оваа тема која сега – ако може да кажам – го комплицира процесот премногу долго, изјави Франсоа Оланд.
Оваа изјава на францускиот претседател беше дадена пред околу еден месец и аналитичарите со кои разговаравме во Франција сметаат дека треба да се почека да се види дали и на каков начин Оланд ќе може да придонесе двете страни побрзо да стигнат до компромисно решение.
Оланд нема да биде посредник во спорот за името
Висок анонимен француски дипломат за Дојче веле тврди дека ангажирањето на Франсоа Оланд е „искрено“, тој ни вели дека францускиот претседател со неговата волја да помогне во решавањето на спорот „не прифатил да игра улога на посредник и со тоа да го замени претставникот на ООН за ова прашање.“
Нашиот соговорник не потсети дека токму Франција, во времето на Жак Ширак го иницира самитот во Загреб, кога јасно им беше дадена европската песрпектива на земјите од Западен Балкан. Тој исто така потсетува дека средбата во Словенија меѓу Ѓорге Иванов и Франсоа Оланд е прва билатерлана средба на претседателите на Франција и Македонија во последните 5-6 години, што значи дека има промена во политиката.
Високиот дипломат добро знае дека во Македонија постои убедување дека Франција е „застаната на страната на Грција“ во спорот со името, притоа тој ни ги посочува реакциите на грчкиот печат по изјавата на Оланд во Словенија кои не беа многу воодушевувачки.
Изјавата на Оланд во однос на Македонија е прво јавно ангажирање на највисокиот претставник на француската држава во насока на решавањето на спорот со името, по тоа на Жак Ширак при неговиот избор во 1995 година, не потсетува францускиот дипломат.
Македонија досега не беше приоритет за Германија и Франција
Германскиот експерт Ханс-Јирген Захорка од Европскиот институт „Либертас“ неодамна за ДВ објасни која може да биде улогата на Франција и Германија во решавањето на проблемот со името на Македонија и нејзините евроинтеграции.
– Јасно е дека без договор меѓу Франција и Германија ништо не мрда во ЕУ. На приемот на Македонија во ЕУ, во двете земји не се гледа како на апсолутен политички приоритет, бидејќи има други актуелни прашања како финансиската криза која апсорбира многу капацитетит и енергија. Двете земји можат да направат многу, посебно на внатрешниот национален план во однос на нивната политика кон Македонија и Грција, рече Захорка.
Залагањето на францускиот претседател според нашиот соговорник, кој добро ги познава француско-македонските односи оди во таа насока. Тој исто така нагласува дека само неколку недели по влегувањето на Хрватска во Европската унија, францускиот претседател Франсоа Оланд, порача дека: „вратите на Европа остануваат отворени за нациите од Балканот кои се подготвени да играат на картата на помирување, регионална соработка и спроведување на потребните реформи“.
Франција е многу присутна во Македонија, но тоа малку се знае
Франција според нашиот соговорник добро соработува на билатерален план со Македонија во повеќе области, но очигледно дека тоа не е толку познато во јавноста. Тука се посочува посебно на соработката со регионот Долна Нормандија, која е можеби единствена од ваков вид. Овај француски регион целокупната децентрализирана соработка од 2006 година и ја има посветено на Република Македонија. Повеќе нормандиски градови се имаат збратимено со македонски градови, постои размена на ниво на здруженија на граѓани, гимнзаии, локални власти, културата…
– Во моментов приоритет на соработката е ставен во развојот на децнетрализацијата и правичниот регионален развој и пред се мобилноста на младите, вели Ани Ан, заменик претседател на регионот Долна Нормандија.
Интензивна економска дипломатија
Балканот е регион со силен економски потенцијал за француската економија, оценува од своја страна сенаторот Алан Ришар, неодамна назначен за економски претставник на Франција за оваа зона.
Неговото назначување од страна на министерот за надворешни работи Лоран Фабиус е дел од новата стратегија на Франција за регионот, инагурирана лично од претседателот Франсоа Оланд во на самитот на претседателите на земјите од Балканот во Брдо Словенија.
Шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус тврди дека „сите земји од Балканот претставени на самитот во Словенија побарале поголемо француско економско присуство во Македонија“.
Алан Ришар, кој одлично го познава регионот со оглед дека беше министер за одбрана во владата на Лионел Жоспан од 1997 до 2002 година за време на војната на Косово објаснува дека „Претседателот и министерот за надворешни работи биле посебно погодени од ова барање на нивните колеги од Балканот, затоа тие одлучиле да го назначат за специјален претставник во регионот“.
Назначувањето на Алан Ришар е во рамките на „економската дипломатија“ за која се залага Лоран Фабиус во моментот кога трговскиот дефицит на Франција достигнува 67 милијарди евра во 2012. Имено, според Фабиус „Кеј д’Орсеј, специјалист за кризи, парадоксално е да не се грижи за економската криза“.
– Економскиот влог е исто така дипломатски: местото на Франција во светот, вели Фабиус.
Франција на пример е далеку на ранг листата на економските партнери на земјите од Балканот во споредба со Германија. На пример во 2012 година, во Хрватска најновата земја членка на ЕУ таа држи само 3% од пазарот, додека Германија 16,7%.