Mониторинг: Во Велес, Крива Паланка и во Неготино намалени активностите поврзани со паднемијата

Од:

Локалните власти на Велес, Крива Паланка и Неготино, во вториот месец од вонредната состојба и постепеното олабавување на мерките за заштита, ги намалија активностите и информациите поврзани со пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Ваков е заклучокот од мониторингот спроведен од НВО Инфоцентарот во овие општини.

Кризните штабови поретко се состануваат, а општинската администрација почна со редовна работа, во согласност со препораките и протоколите на Владата. Донациите, исто така, се намалија, додека спроведените јавни набавки најчесто се со мала вредност или се со поедноставена отворена постапка.

Во заклучоците од мониторингот е наведено дека заради здравствената криза дел од општините ги ревидираат и ги кратат буџетските средства за определени области, како на пример, културата и финансиската поддршка на граѓанските организации. Општина Крива Паланка веќе донесе одлука годинава да не издвојува средства за локалните граѓански организации, а општина Велес доцни со одлуката за распределба на средства наменети за граѓанските организации.

Иако, општините од една страна, располагаат со ограничени финансиски средства, а од друга страна се соочени со големиот предизвик да се справат со постојната здравствена криза, сепак, од НВО Инфоцентарот порачуваат поддршката за локалните граѓански организации да не секнува. Укинувањето или задоцнетата финансиска поддршка, како што велат, дополнително ќе го заслабне локалниот граѓански активизам и ќе ги оневозможи граѓанските организации да им даваат помош и услуги на ранливите категории граѓани, но и да работат на проблеми кои се исклучително важни/ суштински и во време на криза, како на пример, доброто владеење, инклузивноста, транспарентноста и отчетноста на властите и на институциите, културата, заштита на животната средина. Секако, доделувањето финансиска поддршка треба да се одвива според јасни и транспарентни критериуми и процедури, како и да не се практикува пред и за време на избори.

„Едновремено, препорачуваме општините Крива Паланка и Велес засилено да го поттикнуваат активното функционирање на месните заедници како основна форма на вклучување на граѓаните во процесите на консултација, креирање и спроведување на локалните политики. Комуникацијата со претседателите на месните заедници треба да биде постојана, а што се однесува, пак, до општина Неготино, препорачуваме локалните власти што побрзо да го започнат процесот на формирање месни заедници особено во руралните средини“, велат од НВО Инфоцентарот.

НВО Инфоцентарот, мониторингот на работата на општините и вклучувањето на граѓаните за време на здравствената криза, го реализира во соработка со граѓанските организации од Крива Паланка, Велес и Неготино – Спектар, Активо и СПО Кул, и се однесува на периодот април – мај 2020 година. Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.

Би можело да ве интересира

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

Орце Костов

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

Орце Костов

Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за 66 проекти во општините во државава

Колева: ДПМНЕ да се заблагодари на граѓаните и на Владата за обезбедените пари за општините, не на Мицкоски

Предраг Петровиќ

Општините и училиштата ги издаваат салите и терените нетранспаренто, без криетриуми, некогаш и без надомест

Катерина Ѓуровски