За време на летниот период годинава Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември тие ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени, всушност сé уште се во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани, соопшти Министерството за образование и наука.
Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои, како што наведува, ќе ја збогатат наставата. Тие се изработени од Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб-страницата на Бирото. Постои и можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати.
-По однос на интегрирањето предмети, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат од него е произлезен предметот Природни науки, за кој досега никогаш немало реакции. Интегрирањето на предмети не предвидува укинување содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети, информира МОН.
Нагласува дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, поради воведувањето на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови ќе биде идентичен како и порано.
За сите новини во основното образование, МОН додава дека обезбедува и директна поддршка за наставниците и за стручниот кадар во училиштата со цел правилна имплементација.
-Па така, континуирано организираме обуки за наставниот кадар на различни теми кои се од интерес за нивното работење. Даваме можност преку креиран каталог со 26 акредитирани програми (22 за наставници и четири за стручни соработници), секој самостојно да избере кој тип на лични компетенции ќе ги надгради. Колку за информација, само во периодот од октомври до декември 2022 година, на околу 600 обуки присуствуваа над 14 илјади наставници и 800 стручни соработници. Додека во периодот од јуни до крајот на овој месец на обуките учествуваат 17 200 наставници и 1100 стручни соработници, додава МОН.