МОН почнува постапка за носење нов закон за високо образование

Од:

Министерството за образование и наука почнува постапка за носење нов закон за високо образование. Веќе е формирана работната група која денеска го одржа првиот состанок.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска-Треневска денеска изјави дека целта е да се направи нов закон којшто ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот, процесот на нострификација на дипломите….

– Целта е да направиме еден нов закон за високо образование бидејќи постојниот закон веќе е премногу менуван и е нечитлив, нејасен и конфузен. Во моментот правни експерти дури имаат проблем да лоцираат која одредба кога стапува во сила со оглед на тоа што претходната влада носеше законски измени на овој закон коишто не беа обмислени и постојано ставаше нови измени со кои ги одложуваше измените, истакна министерката Дескоска-Треневска.

Таа додаде дека нема да се брза со носење на законот, туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветните решенија.

– Периодот ќе биде малку незгоден поради локалните избори кога Парламентот не работи. За мене ќе биде оптимално ако успееме да го донесеме законот до крајот на годината. Тоа би било идеална ситуација, рече министерката за образование и наука.

Од Професорскиот пленум сметаат дека одржувањето на денешната средба ја покажува волјата на Министерството да се сменат работите во високото образование во позитивна насока.

– Професорскиот пленум ги застапуваше ставовите за фактичка автономија на Универзитетот, а не само декларативна. Освен тоа, постојат и низа прашања коишто треба да бидат разгледани од припадноста на нашиот систем за високо образование во европскиот простор за високо образование, нивната компатибилност, потоа аспектите кои се поврзани со начинот на студентското огранизирање и нивно партиципирање во процесите на управување со универзитетите…, изјави професор Влатко Коробар.

Од Студентскиот пленум за почеток најавуваат дека ќе бараат студентските тела да бидат дел од универзитетите, а не да функционираат како невладини организации.

– Во овој момент ќе бараме СПУКМ и другите студентски тела во склоп на универзитетите да бидат дел од универзитетите, а не невладини организации. Тоа е првото нешто што сакаме да го предложиме на оваа прва сердба, рече Теодора Столевска од Студентскиот пленум.

Покрај претставници од Професирскиот и од Студентскиот пренум, на денешната средба беа поканети и претставници од повеќе универзитети, како и од синдикатите од областа на образованието.

Би можело да ве интересира

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови

МОН не го послуша Советот на Општина Велес: Скрати македонска паралелка во гимназијата

Орце Костов

До крај на година ќе се учи секоја сабота: Неработните денови за учениците преку ноќ станаа работни

Орце Костов

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов

Нема евиденција дали 140 денари за оброк завршиле кај студентите, МОН исплаќал пари без утврдени легла во домовите, покажа ревизијата

Орце Костов

МОН за протестот на универзитетите: Ако постои волја во Собранието за колективен договор, ние ќе учествуваме во преговорите