Министерството за образование и наука спротивно на заклучокот на Советот на Оштина Велес распиша изменет конкурс за прием на ученици во гимназијата „Кочо Рацин“.
Наспроти реакцијата на наставничкиот совет во гимназијата и барањето од Советот МОН го распиша изменетиот конкурс за упис на ученици во средните училишта во учебната 2024/2025 година и во него стои дека во гимназијата ќе има една македонска паралелка помалку.
Општина Велес како основач на Гимназијата бараше четири паралелки со настава на македонски јазик, една билингвална (македонски и англиски) и една на албански јазик, но Министерството распиша конкурс за три паралелки на македонски јазик, една билингвална и две на албански јази.
Во прва година ќе се запишат 238 ученици во седум паралелки -136 ученици во 4 паралелки со настава на македонски јазик и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик. Во македонско – англиска билингвалната паралелка ќе учат 34 ученици.
На третата вонредна седница на Советот на општина Велес со 19 гласови за и 2 против, беше изгласан заклучок со кој му се препорача на Министерството во учебната 2024/25 да останат четири македонски паралелки, една албанска и една билингвална( македонско- англиска).
Оваа одлука дојде по обвинувањата на раководството на СОУ „Кочо Рацин“ дека министерот Јетон Шаќири донел одлука да укине паралелка на македонски наставен јазик за сметка на воведување паралелка на албански наставен јазик во прва година.
Од СОУ „Кочо Рацин“ велат дека дека спротивно на анализите на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес за реалните потреби и доставениот Предлог план за упис на ученици во прва година во учебната 2024/25 година, МОН предлага укинување на една паралелка на наставен македонски јазик со што директно го ускратува правото на учениците деветтоодделенци кои следат настава на македонски јазик. Ваквиот предлог доаѓа со цел продолжување на минатогодишното кршење на наставниот процес исклучиво по етничка основа, за политички цели од политички фактори од албанска националност, обвинуваат оттаму.
Министерството за образование и наука реагираше на обвинувањата на раководството на гимназијата „Кочо Рацин“ дека МОН предложил укинување на паралелка на македонски јазик за сметка на воведување на паралелка на албански јазик.
„Неточни се обвинувањата на раководството на СОУ „Кочо Рацин“ за наводно укинување на паралелка на македонски наставен јазик, за сметка на воведување паралелка на албански наставен јазик во прва година. Конкурсот за упис во средно образование за учебната 2024/2025 година предвидува идентичен број паралелки, односно места за ученици како и минатата учебна година. Станува збор за 4 паралелки на македонски и 2 паралелки на албански наставен јазик и истите се дефинирани согласно реалните потреби на општината“, рекоа од МОН.