МОН апелира до иницијаторите на бојкот: Таква одлука ќе значи директна штета за учениците

Од:

Оваа одлука и постапка ќе значи директна штета на воспитно-образовниот процес на младите и тоа не треба да го дозволат, соопшти Министерството за образование и наука, реагирајќи на прес-конференцијата на групата родители кои се против дигиталните учебници и најавија дека од утре ќе повикаат на бојкот на наставата.

Министерството апелира до граѓаните кои се дел од оваа иницијатива, да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето.

– Тоа не е вистинската вредност и цел за која треба да се бориме. Вистинската цел е создавање млади и современи генерации кои ќе бидат добро едуцирани и подготвени за светот кој ги очекува по 10-20 години, а во кој дигитализацијата ќе биде застапена во сите сегменти и сфери, нагласува МОН.

Укажува дека веќе се произнесе за неоправданоста да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки кои младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат, затоа што, „процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат“.

– Новото законско решение, односно новиот концепт за употреба на материјали за учење во основното и средното образование е најавен заедно со целокупната реформа на националниот образовен систем во основното и во средното образование, која пак, е дел од програмата за работа на Владата и од Стратегијата за образование 2018-2025 и за неа се водеше сеопфатна двомесечна дебата, пишува во реакцијата на МОН.

Посочува дека во јавноста беше презентирана и анализа на јавното мислење на наставниците и учениците спроведена од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанстинк“, според која 75 проценти од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање.

Предлог-законот за учебници беше објавен на владиниот ЕНЕР-систем и сите предлози и сугестии од експертската јавност, додава МОН, се интегрирани во неговата содржина, која е усогласена со сите последно усвоени документи од страна на Европската комисија, кои се однесуваат на давање приоритетност на процесот на дигитализација на образованието.

– Со новото законско решение кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата. Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за нивна употреба ќе му бидат овозможени секому. Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Првпат се обезбедуваат и учебници во аудиоформат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо, наведува МОН.

Би можело да ве интересира

Повици за парични награди за освоени медали на научни олимпијади и за први три места на меѓународни натпревари по математика и природни науки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Објавени се резултатите од конкурсите за доделување ученички стипендии за учебната 2023-2024

Објавени повиците за финансиска поддршка за ученици и студенти

Катерина Ѓуровски

Касами го обвини Министерството за образование дека не ги исполнува обврските кон тетовската гимназија

Учениците се враќаат на настава, во оваа учебна година првпат ќе имаат и пролетен распуст

Катерина Ѓуровски