Запомнете дека на 30 септември кога ќе гласате вие сте клучот за ЕУ, не молчете пред вашата иднината. Не можете да ја пропуштите оваа можност, рече високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини попладнево во скопската чаршија, на прес-конференција.
Таа додаде дека ова не се избори, ниту нешто поврзано со политика.
– Мора да бидете сигурни дека на 1ви октомври сте направиле избор за вашата иднина, односно сте одлучиле за иднината на вашите деца, рече Могерини.
Според неа со решавањето на отворените прашања и спроведување на европските вредности Македонија оди кон ЕУ. Могерини подвлече дека Македонија има огромни резултати кои биле незамисливи пред една и пол година, па поради тоа, отворен е патот во следниот јуни да се отворат предпристапни преговори со ЕУ.
Могерини повтори дека вратите на ЕУ се отворени за нашата држава. Таа порача дека само заедно може да се постигне просперитет и безбедност во ЕУ. Могерини неколку пати повтори дека оваа можност, не смее да се пропушти.
„Токму политичката храброст кулминираше со историски момент кој го поздрави вела европа, а тоа е Договорот со Грција. Јас бев горда да присуствувам на потпишувањето на договорот за името во Преспа. Вашата земја има голем напредок на патот кон ЕУ. Ова е големо постигнување за сите овде, за сите влади и опозицијата”
Могерини рече дека одговорноста е кај сите, претседателот на државата, опозицијата, граѓаните.
„Јас сум горда што сум тука кога вие за прв пат во Европскиот парламент имаше обраќање од вашата земја. Вашето обраќање доби стоечки овации, бидејќи ја опишувавте европската перспектива. Годост за мене е да бидам во Скопје. За вас и за мене е многу јасно, бидејќи го споделуваме истото место во Европската унија. Ние со нетрпение да ве видиме во унијата со истата посветеност како што покажавте до сега“, рече Могерини.
На новинарско прашање за ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со референдумот, таа рече дека не е нејзина улога да навлегува во внатрешната политика на земјата, но како што кажа, нејзина одговорност било да ги повика сите да го искористат своето демократско право.
– Никому не сакам да кажувам дали да гласа „за“ или „против“, но морам да кажам дека демократијата е бесценета работа. Вие имате можност да дадете форма на вашата земја. Подоцна ќе биде многу тешко дека не сте направиле доволно. Јас се надевам дека вашите граѓани ќе излезат и ќе ја изразат својата волја. Нивна одлука е како. Премногу долги години вашата земја седеше надвор од ЕУ и имате многу фрустрации поради тоа. Сега имате можност да ги решите прашањата кои ви стојат на патот и тоа зависи од вас”, рече Могерини.
Кристијан Ландов