(ВИДЕО) Могерини: Иванов да ја преиспита својата одлука за доделување на мандатот

Од:

Демократските правила предвидуваат почитување на волјата на мнозинството. Бараме од претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука во однос на доделувањето мандат за формирање влада и да постапи согласно Уставот на земјата, изјави вечерва во Скопје високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Федерика Могерини.

– Не е на ЕУ да го покаже патот за излез од кризата, но како пријател којшто се грижи за оваа земја, сакаме да укажеме на работите кои не загрижуваат во овој момент, а коишто веруваме претставуваат сериозно кршење на демократските принципи и на демократскиот дух на Уставот на оваа земја. Верувам дека би било невозможно за кој било да убеди некого со демократски речник дека на мнозинството пратеници во Парламентот кои го претставуваат мнозинството граѓани во унитарна држава не им се дозволува да формираат влада. Тоа е закана за владеењето на демократијата, претставува кршење на правилата на демократијата, не е во согласност со демократските принципи, а исто така не е во согласност ниту со евроатлантските интеграции кои се сметаат за приоритет од страна на сите политички лидери и на самиот претседател. Знам дека се вистински приоритет и за сите граѓани, рече Могерини.

Според Могерини, ова е и порака од НАТО Алијансата, посочувајќи дека пред посетата на Скопје имала средба и на оваа тема разговарала со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Таа нагласи дека од претседателот Иванов побарала да размисли и да ја повлече одлуката во интерес на граѓаните и на земјата.

– Побарав од претседателот да размисли за одлуката, да ја повлече во интерес на сите граѓани на земјава и како што е наведено и во Уставот да го довери мандатот на кандидатот на партиите кои имаат мнозинство во Парламентот. Ова е Уставот на оваа земја и очекуваме да биде почитуван, порача Могерини.

Таа упати порака до сите политички лидери и надлежните институции дека се должни да ја смират реториката и да избегнат оваа политичка и институционална криза да прерасне, како што вели, во меѓуетнички па дури и геополитички конфликт.

– Ова е сложена земја во комплексен регион, живееме во сложени времиња. Не ни е потребно разгорување на огнот кој веќе постои. Затоа се надевам дека сите ќе демонстрираат максимална одговорност и ќе избегнуваат каква било реторика која што би можела да поттикне судири или конфротации во општеството. Земјата не е изложена на надворешна закана, туку се соочува со некои сериозни внатрешни предизвици. Лидерите на оваа земја се должни да преземат одговорност и да ја изнесат државата од оваа состојба, рече Могерини.

Според неа, важно е да се избегнува какво било неодговорно однесување, поттикнување тензија помеѓу заедниците, како и да се надмине отсуството на довербата меѓу заедниците.

Нагласи, дека е изгубено многу време и дека земјата не смее да ја изгуби оваа можност, туку треба да направи вистински чекори за конечно да напредува на патот кон евроинтеграциите, за што, рече има поддршка од ЕУ и меѓународната заедница.

– Европската унија е посветена на евроинтегрцијата на оваа змеја и на регионот. Нашата врата се целосно отворена и сакаме оваа земја да стане дел од ЕУ, порача Могерини.

Шефицата на европската дипломатија во рамки на нејзината еднодневна посета на Скопје денеска имаше средби со лидерите на политичките партии застапени во Парламентот, со претседателот на државата Ѓорге Иванов, а се сретна и со претставници на невладиниот сектор. Се очекува таа вечерва во МОБ да има средба со студенти со што ќе ја заокружи посетата на Македонија. Од Скопје, според нејзината првична агенда, шефицата на дипломатијата на ЕУ се очекува да замине за Белград.

По посетата на земјите од Западниот Балкан, Могерини најави дека ќе подготви извештај за состојбата во регионот, којшто потоа ќе биде разгледуван на Советот на министрите за надворешни работи од сите 28 земји членки на Европската унија во понеделник, а ќе биде тема и на Самитот на Европскиот совет закажан за 9. и 10. овој месец.

Би можело да ве интересира

Наjголемата опасност за ЕУ по пандемијата ќе доаѓа одвнатре, смета Могерини

Жарко Настоски

ВИДЕО: Заев и се заблагодари на Могерини за поддршката и во моментите на криза и во моментите на успех

Татјана Ташкова

ВИДЕО: Италијанскиот новинар Гајсер се прашува зошто нема реакција од Могерини за случајот „Рекет“

Татјана Ташкова

Могерини: Слободата на медиумите е столб на демократијата

Мустафа: Нема ново писмо за дијалогот до Могерини, веста е од јануари

Могерини: Нов напад на Русија на украинскиот суверенитет

Ана Ололовска