„Мрш стоко и излези надвор!“ – млада Ромка обвинува за лош третман од лекар во Гинекологија Чаир

Од:

Млада Ромка, во осмиот месец од бременоста, се соочила со нееднаков и несоодветен третман од страна на лекар во Специјалната болница за гинекоогија и акушерство „Мајка Тереза“ во скопски Чаир – чекала три часа иако чувствувала мачнини, малаксаност и нагон за повраќање, а „добила само дрзок и дискриминаторски однос, заедно со нејзината мајка која ја придружувала“, обвинуваат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

„Аниса е 21-годишна Ромка во осмиот месец од бременоста. Поради тоа што чувствувала мачнини во желудникот и малаксаност, се обратила на ургентно во СГАБ „Мајка Тереза“-Чаир. Кога пристигнала, веќе чекале две пациентки кои имале породилни болки. Во меѓувреме дошле уште две пациентки кои не биле Ромки и не биле бремени. Специјалистот прво ги примил пациентките со породилни болки. Аниса очекувала дека таа е следна, но специјалистот ја повикал другата пациентка која дошла по неа и не била бремена, за да ѝ закаже термин за оперативен зафат. Потоа ја повикал за преглед и следната пациентка којашто не била бремена. На Аниса ѝ се влошила состојбата и едната од медицинските сестри, согледувајќи ја нејзината беспомошност, ѝ донела кесе за да поврати“, пишуваат од невладината организација на Фејсбук.

По два часа чекање, лекарот ја повикал Аниса и ѝ рекол да почека бидејќи имал уште една пациентка за преглед.

„По дваесет минути, докторот се вратил, а Аниса, изреволтирана од односот, со болка и треперлив глас му рекла:
– „Извинете докторе, но воопшто не е коректно од Ваша страна што навремено не ме прегледавте, навистина ми е многу лошо.“
Тој со дерење и заминувајќи од ординацијата ѝ рекол:
– „Срам да ти е, цело време акам по скаливе нагоре-надолу, а ти вака зборуваш. Е сега, поради ова, ќе си го чекаш специјалистот да те прегледа.“
Докторот излегол, Аниса почнала да плаче, а сестрите ја утешиле дека ќе ја прегледа друг доктор. Потоа се симнала докторката специјалист и откако завршила со прегледот, дошол истиот доктор кој не сакал да ја прегледа Аниса за да го потпише извештајот од прегледот. Во тој момент влегла мајката на Аниса, која револтирана со висок тон му укажала на некоректниот однос, по што тој ѝ се обратил со зборовите:
– „Мрш стоко и излези надвор!“, велат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

Незадоволна од прегледот и неукажувањето на лекарска помош, Аниса се обратила во УГАК, на ургентно, каде што била соодветно примена и прегледана.
Таа сега се чувствува добро, но е под лекарски надзор и е разочарана од искуството на клиниката во Чаир.

Иницијативата на жени од Шуто Оризари најави дека ќе го пријави случајот кај надлежните органи, а тоа индивидуално ќе го стори и младата жена.

„Сметаме дека е крајно време дискриминаторскиот однос со кој се соочуваат Ромките особено во здравствените институции, конечно да заврши, а грижата за здравјето на Ромките да биде еднаква. Правото на здравје мора да се почитува, особено во репродуктивниот период. Инаку, како може да се тврди дека се почитуваат човековите права во земјава?“, велат од невладината организација.

Би можело да ве интересира

Ромите за Демократија: Членови на СДСМ им се закануваа на Ромите набљудувачи

A1on

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

A1on

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

A1on

Ѓорѓи Трендафилов: Македонија е дискриминаторска земја не само во однос на етничкото потекло

A1on

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Меѓународниот ден на Ромите, 8 април неработен за припадниците на ромската заедница

Ана Ололовска