Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи испрати демант со кој во стилот на Никола Груевски се обидува да ги замолчи новинарите и „А1он“. Демантот се однесува на текстот со наслов “Мизрахи ја назначи советничката на Груевски за шеф на кабинет“, за кој А1он останува на ставот дека е точен и веродостоен и нема да се извинува.
И порачуваме на министерката Мизрахи дека нема да дозволиме да биде главен уредник и ја замолуваме да внимава на речникот и на квалификациите за новинарите. За конкретниот текст ја баравме и советничката Марија Апостолова за да се изјасни, но таа не одговори на повикот.
Освен тоа, информацијата дека Апостолова била на листата советници и стручни соработници на поранешниот премиер е дел од јавен документ објавен на веб-страницата на Владата на 52 позиција на листата. па нејасно е што демантира Мизрахи.
А1он, со доказите кои ги поседува, ќе ги извести сите меѓународни организации за притисокот од министерката на ВМРО-ДПМНЕ.
Ја замолуваме министерката да не се обидува да го вовлекува медиумот во партиски борби и партиски да го етикетира, зошто со тоа нема ништо да сокрие ниту пак ќе не спречи да пишуваме за неа.
Во продoлжение интегрално демантот на министерката Рашела Мизрахи
Поврзано со вашиот крајно тенденциозен, полн со шпекулации и невистини текст објавен на порталот а1on.mk “Мизрахи ја назначи советничката на Груевски за шеф на кабинет“ бараме Јавно да се извините и ги пренесете точните информации и го објавите нашиот демант.
Самиот наслов укажува на крајно несоодветен и навредувачки однос на А1он и новинарот Ландов кон министерката Рашела Мизрахи ословувајќи ја министерката како Мизрахи што е улична комуникација и недостојно претставување на позицијата која ја има министерката, бидејќи ниту го познава новинарот ниту пак имаат било каква комуникација за да се обраќа на тој начин. Дополнително г-ѓа Марија Апостолова, е државен службеник вработена во Владата на Република Македонија од 2011 година и своите должности ги обавувала во владите на Никола Груевски, Емил Димитриев и Зоран Заев, што значи дека г-ѓа Марија Апостолова не е советник на поранешниот премиер Никола Груевски, не е дел од советниците на поранешниот премиер Никола Груевски за што наведувате, ниту пак е инсталација како што наведувате и ја доведувате во заблуда јавноста.
Крајно е сомнително и што вашиот текст истовремено излегува со изјавата на Милан Живковиќ – претседател на комисијата за социјална политика и труд во СДСМ каде истите работи се потенцираат.
Сакаме да Ве прашаме дали го имате истиот однос кон министерот Никола Димитров и него го именувате како Амбасадорот на Груевски или преговарачот на Груевски?
За крај ВЕ информираме дека ќе ги информираме Здружението на новинари на Македонија и Македонската Асоцијација на новинари за крајно несериозниот, тенденциозниот и полн со навреди однос на А1он и новинарот Кристијан Ландов кон институцијата министер и министерство.
Во иднина Ве молиме, заради коректна и фер соработка да побарате изјава или коментар од наша страна поврзано со текст што го пишувате за нас како би имале и втора страна во објавата, а не како сега, бидејќи тоа е едно од начелата во новинарството. За комуникација со кабинетот на министерката и министерката Рашела Мизрахи ќе биде задолжено лице кое транспарентно ќе биде објавено во наредните денови.