Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски денеска од Мечкин Камен во Крушево во негово и во име на Собранието го честиташе националниот празник Денот на Републиката – 2 Август.
– Дозволете ми од името на претседателот на Собранието, почитуваниот Талат Џафери, кој поради здравствени причини не е во можност да се обрати денес тука, и на кого јас му посакувам што побрзо закрепнување, во мое лично име и од името на Собранието на Република Северна Македонија, на сите наши граѓани, во и надвор од границите на државата, да им го честитам Денот на Републиката од славниот Мечкин Камен, еден од спомениците на Крушевската Република и сведоштво за едно херојско востание, рече Мисовски.
Тој на почетокот од своето обраќање изрази почит и благодарност за исклучителната професионалност, посветеност и несебичност што здравствените работници ја покажаа изминатиот период.
– Од минатиот 2 Август до овој 2 Август, помина само една година, меѓутоа, верувам дека и Вие го делите моето мислење дека, тоа е година која ќе ја запомниме по еден од најзначајните датуми за нашата земја. На 11 февруари оваа година, Собранието го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во воено политичкиот сојуз на НАТО, стратешка цел која беше поставена уште во 1993 година, веднаш по независноста на земјата, за во 1995 година да се стекнеме со кандидатски статус, рече Мисовски, додавајќи дека работеле напорно за да може да бидеме дел од големото семејство на НАТО сојузот со исполнување на сите неопходни предуслови за да изградат стабилна, безбедна, модерна и економски развиена држава.
Обезбедивме, нагласи тој, сигурност на територијалниот интегритет и безбедност на нашата граница и сега конечно може да се каже дека е поставен уште еден камен на зацврстување на темелите на нашата држава.
– Република Северна Македонија, иако мала по територија, стана пример во регионот и во светот, по својот отворен пристап и искрен дијалог со сите соседи, промовирајќи добрососедска политика на соработка и разбирање. Затоа што, ние знаеме како, рече Мисовски.
Сме имале, додава, а веројатно и понатаму ќе имаме предизвици на патот на зацврстување и унапредување на демократизацијата и напредокот на Република Северна Македонија.
– Меѓутоа, едно е сигурно, а тоа е дека сите до еден, без разлика на политичката провиниенција, веруваме во европската перспектива на нашата земја и сите до еден тежнееме кон тоа да ја исполниме и втората стратешка цел од независноста на државата, а тоа е да станеме дел од големото европско семејство, нагласи Мисовски, додавајќи дека во тој контекст ни се потребни функционални и одговорни институции кои ќе можат да испорачаат видливи и ефективни резултати кои ќе бидат во линија со преговарачката рамка од Европската комисија, за да можеме да ги отвораме поглавјата за членство во Европската унија.
Имајќи предвид дека неодамна имавме предвремени парламентарни избори и во очекување сме на одржувањето на конститутивната седница на Собранието, тој апелира до сите политички чинители, без оглед дали се власт или опозиција, сите кои добиле одговорност да ја водат државата доверена од граѓаните, со визија и мудрост да ја оправдаат нивната доверба и да ги исполнат ветувањата и заложбите дадени пред нив.
– Вие почитувани граѓани, без оглед на премрежјата и кризите, без оглед на различностите, не дозволивте да се наруши духот на заедништво, соживот и толеранција и вие, токму вие имате огромен удел во одржувањето на овој ритам и оваа напредна ориентација, а ние сме сите подеднакво одговорни за подемот и за застојот во развојот на државата. И затоа, денес, кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, изразувам восхит за нивната храброст, мудрост, визија и пожртвуваност, истакна потпретседателот на Собранието.
Сите ние, нагласи, сме наследници на Илинден, затоа што веруваме дека тоа и во иднина ќе биде најдобриот и вистински концепт кој што ги опфаќа заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.
– Имаме одговорност тој концепт да го чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Имаме обврска да изградиме таква граѓанска држава, такво општество на сите граѓани во кое нашите деца, внуци и сите идни генерации ќе се чувствуваат европски, светски, а сепак дома, свои на своето, во современа и просперитетна Република Северна Македонија! Нека е среќен и вечен 2 Август – Денот на Републиката, заклучи Мисовски.