Министерството за здравство нема совет за лицата со симптоми за кои нема термин за тестирање

Од:

Ниту матичните лекари, ниту Министерството за здравство имаат совети за лицата со симптоми за кои нема термин за тестирање. Секој ден се поголем е бројот на пациенти кои се жалат дека не добиле термин за тестирање, а од кај матичните лекари си заминале само со објаснување да чекаат да се ослободи термин.

„Јавувај се секој ден. Во следните седум дена нема термини, не е до нас, таков е системот. Има само неколку термини, но тие се за итни случаи, ако некој треба да оди на операција или ако му пукне чир во желудникот“, со вакво објаснување пациентка од Скопје се вратила од матичниот лекар и покрај тоа што кажала дека има болки во мускулите, покачена температура и малаксаност кои се појавиле по контакт со позитивно лице.

Министерството за здравство не одговори на прашањето од „А1он“ што им советуваат на пациентите кои имаат симптоми, а не добиваат термин за тестирање. Место одговор на конкретното прашање од Министерството велат дека го зголемуваат бројот на тестирања.

„Министерството за здравство континуирано го зголемува бројот на тестирања, а матичниот лекар секогаш се труди на пациентот да му обезбеди најбрз термин најблиското до местото на живеење“, велат од Министерството за здравство.

Се чека алгоритам за матичните да почнат да закажуваат тестирање со брзите тестови

Најавените брзи тестови не го намалија притисокот кај матичните лекари оти, како што велат, се уште немаат графа во системот за да можат да закажуваат вакви тестирања.

Од Министерството за здравство велат дека на системот се работи.

„Во моментов се изработува системот за закажување брзи тестови преку Мој термин. Комисијата за заразни болести подготвува алгоритам што ќе влезе во стандардниот протокол на тетсирање на пациенти со симптоми на корона. Со каков тест пациентот ќе биде тестиран ќе утврдува матичниот лекар“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Од таму не кажуваат колку од брзите тестови се веќе потрошени и уверуваат дека се искористени за пациенти кои се јавиле директно во болница за хоспитализација, за операција или за друга интервенција.

Повеќе детали околу брзите тестови од Министерството најавија за утре кога Комисијата за заразни болести ќе ги дефинира сите протоколи поврзани со брзото тестирање.

Во вторникот министерот за здравство Венко Филипче рече дека сите граѓани кои за тестирање со брзи тестови во понеделникот платиле по 1.000, парите ќе ги добијат назад оти е обезбедена донација.

„Брзите тестови во Здравствен дом од денеска се бесплатни за граѓаните. Оваа установа, минатата недела набави 4 илјади брзи тестови, а цената изнесуваше 1000 денари. По добиената донација од 13 илјади тестови, Здравствен дом договори со добавувачот да ги повлече претходно купените тестови и да се користат само тестовите донирани од Министерството за здравство кои ќе бидат бесплатни за граѓаните“, појасни министерот Филипче еден ден откако почна тестирањето со брзи тестови.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска