Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров утре во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, засега нема официјално соопштение од грчкото МНР за детали за средбата, ниту кои ќе бидат темите за кои ќе се разговара.
И грчките медиуми засега не шпекулираат со темите за кои ќе разговараат двајцата министри, освен што се изразува сигурност дека на маса ќе бидат мерките за градење доверба и начините на кои може да се продлабочи билатералната соработка меѓу двете земји.
Пред посетата на Атина, Димитров во интервју за „Фајненшл Тајмс“ изјави дека „Македонија ја разгледува можноста за користење на привремената референца за зачленување во НАТО“.
– Ќе ја прашаме Грција каков вид на сосед сака. Дали сака стабилна, пријателска држава која нуди надеж, демократија и правда? Ако ние бидеме добар сосед на Грција, можеби грчките политички сили ќе сфатат дека ни се пружа историска можност, изјавил Димитров во интервјуто.
Шефот на македонската дипломатија вчера беше дел од високата владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, која беше во посета на Брисел каде се сретна со првите луѓе на ЕУ и НАТО. По средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, и премиерот Заев изрази надеж дека со привремената референца нашата земја ќе добие покана за членство во Алијансата.
– Ние се надеваме дека со привремената референца ќе добиеме покана да станеме членкана НАТО и во исто време ќе продолжиме со разговорите со Грција за процесот во ЕУ. Ние очекуваме со привремената референца да добиеме покана од НАТО во согласност со договорите со Грција, а додека трае ратификацијата кај 29-те членки на Алијансата, има две години за дополнително да се најде решение. Алтернативи има многу, зависи многу од нашиот јужен сосед, но ние бараме причина повеќе за позитивни решенија за стабилност, а тоа е најмногу можно ако Македонија влезе во НАТО, изјави Заев.
Столтенберг, од своја страна, го повтори ставот на Алијансата, дека според заклучокот на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, повторен на сите понатамошни самити на Алијансата, „поканата ќе биде испратена откако ќе се реши спорот со Грција“.
– Она што јасно го кажуваме на секој самит е дека сакаме заеднички прифатливо решение за спорот. Не кажуваме какво, туку заеднички прифатливо за Грција и за поранешната југословенска Република Македонија. Јас не можам да ви диктирам или специфицирам какво да биде тоа, рече Столтенберг порачувајќи дека ако Атина се согласи тоа име да биде БЈРМ, НАТО нема да има ништо против.
Официјална Атина, пак, останува на својот цврст став дека Македонија не може да стане членка на НАТО без претходно да се реши прашањето за името. Коѕиас и изминатиот викенд повтори дека нашата земја е „дар од боговите, но со лош кум“.
– Грчката Влада не отстапува од своите ставови и нема да потклекне под притисоци за прием на ПЈРМ во НАТО под привремената референца, како што интензивно периодов се слуша од различни политички и медиумски извори и во двете држави, изјави шефот на грчката дипломатија.
– Сега, кога работите се стабилизираа, повторно ќе дојдат некои европски политичари и ќе кажат дека за да се стабилизира државата, треба да се внесе во НАТО и во ЕУ. Ние немаме ништо против, но тие треба да ги исполнат нивните обврски, што значи дека треба да престанат со иредентизам и да направат компромис во спорот за името, изјави Коѕиас.
Тој додаде дека со Димитров нема да разговараат за спорот за името, туку за методот како ќе продолжат преговорите за името.
„Катимерини“ вчера исто така напиша дека прашање на време е кога ќе почне притисокот врз Атина за изнаоѓање решение за прашањето за името со цел ПЈРМ да влезе во НАТО и потоа да почне преговори за членство во ЕУ. Весникот информира дека „според добро информирани западни дипломати во Скопје, Брисел и Берлин проценуваат дека забрзувањето на процедурите за интеграција на соседната земја во НАТО под акронимот ФИРОМ, ќе биде ‘подарок’ за поддршка од Западот за дуото Заев – Ахмети, кои инвестирале за враќање на внатрешно политичката и етничката нормалност во земјата која се смета за клучна за геополитичката рамнотежа“.
„Катимерини“ коментира дека притисокот врз Атина ќе почне веќе во наредните месеци, додека извори за весникот изјавиле оти германскиот притисок врз Атина за брз прием на Македонија во НАТО веќе станува „задушувачки“.
„Дипломатски извори проценуваат дека Атина очекува ескалација на притисоци, можеби дури и во текот на летото и, секако, пред Германија „длабоко“ да влезе во изборен период. Она што ја плаши Атина е формулацијата на предлогот за пристапување на ПЈРМ во Северноатлантската алијанса со привременото име (ФИРОМ), со обврска за промена која ќе ја обезбеди договор меѓу Грција и Скопје кој би се постигнал за извесно време. Од Атина таков развој е непожелен, затоа што се проценува дека во време кога повеќе земји од НАТО веќе ја признаваат земјата под уставното име (‘Република Македонија’), тогаш едноставно нерешеното прашање со Грција ќе трае до бесконечност“, пишува грчкиот весник.
„То Вима“, пак, напиша дека високи дипломатски фактори соопштиле оти Грција нема да прифати влез во НАТО со привременото име, „затоа што тоа ќе биде средство за де факто наметнување на двојно име, со што на крајот само Грција и меѓународните организации во кои Грција има право на вето ќе го усвојат привременото име на трајна основа, и за сите други намени ќе се гарантира употребата на уставното име ‘Република Македонија’“.