Министерот Бесими во посета на Турција

Од:

Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими денеска и утре ќе претстојува во Република Турција, каде ќе оствари средби со министерот за национална одбрана, Исмет Јилмаз и со началникот на Генералштабот на Турските вооружени сили, генерал Неџдет Озел.

Посетата на министерот Бесими е во насока на утврдување и проширување на билатералната соработка со Република Турција, која воедно, претставува одличен пример за соработка во регионот и пошироко.

Исклучителното пријателство и меѓусебното почитување ќе бидат потврдени и на средбата на министерот Бесими со неговиот турски колега, министерот Јилмаз на која ќе стане збор и за поддршката на Република Турција во процесот на евроатлантското интегрирање на Република Македонија и поддршката за уставното име на Република Македонија во рамките на Алијансата.

Една од темите за кои ќе стане збор за време на посетата е и несебичната материјална поддршка од Република Турција, како најголем донатор на опрема чија вредност досега изнесува околу 18,5 милиони долари. Дел од таа поддршка е и неодамнешното донирање на седум возила од типот „Лендровер“ и едно возило „Кобра“, со вкупна вредност од 710.000 долари. Дијапазонот на соработката со Република Турција се проширува и со програмите за едукација и обука, согласно кои во моментов шест припадници на АРМ се упатени на школување во Република Турција.

Министерот Бесими за време на посетата ќе има средби и со претседателот на Комисијата за национална одбрана, Огуз Каган Коксал и со претставник на потсекретаријатот за воена индустрија, Мурад Бајар, а ќе се запознае и со капацитетите на турската компанија за софтвери и системи поврзани со одбраната, „Хавелсан“.

Воедно, истакнувајќи ја големата почит на Република Македонија кон таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк, министерот Бесими ќе положи венец во мавзолејот и ќе го посети музејот Ататурк.

Односите помеѓу Република Македонија и Република Турција во областа на одбраната се развиваат уште од 1994 година, кога Турција прва упати воено аташе во Македонија. Истата година беше потпишана и првата Спогодба за соработка, додека првата донација за АРМ пристигна токму од Република Турција.

Би можело да ве интересира

Во касарната во Петровец претставени 17 нови оклопни возила „страјкер“ набавени од САД

ВИДЕО: Во објекти од времето на Тито, професионалните војници топлат вода во кофи и јадат со лебарки, реагира Независниот синдикат

Потврдена e шуга кај двајца војници на обука во касарната во Велес

Горан Наумовски

Сиљановска-Давкова: Армијата е современа и усогласена со стандардите на НАТО

Синдикатот пријави 14 припадници на Армијата за злосториничко здружување и за злоупотреба на службена положба

СДСМ: Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата