Двајцата можни кандидати за членови на уставниот суд – Цветанка Иванова од СДСМ и адвокатот Талески од Битола, исто така од СДСМ, го прекршуваат членот 111 од Уставот доколку бидат предложени и избрани за судии во Уставниот суд, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој истакна дека пратеничката група ги известила меѓународните фактори, особено делегацијата на Европската Унија дека функцијата на судија во Уставниот суд е неспоива со членување во политичка партија.
„Иванова и Талески најмногу што направиле е што се истакнале во нивното членство во СДСМ. Затоа сметаме дека ова би претставувало не само партизација, туку и заевизација на Уставниот суд. Во време кога Македонија е на ниското 111. место поради корупцијата, со многу лоши оцени, меѓу другото и поради партизацијата на важни државни институции, не смееме да дозволиме заевизација на Уставниот суд. Од друга страна, еден од кандидатите коишто се предложени, Цветанка Иванова, освен што е партиски активна, таа не го исполнува критериумот на истакнат правник. Таа дипломирала на правен факултет, но нема ниту еден стручен и научен труд, ниту, пак, каква било пракса во правосудни или други органи кои се занимаваат со примената на правото за да може да се смета дека е истакнат правник“, рече Милошоски.
Тој кажа дека очекува позитивна реакција од владејачкото мнозинство и меѓународниот фактор.
ВМРО-ДПМНЕ апелира до владејачкото мнозинство, не само со пратениците во Собранието, туку и со јавноста да ги сподели сите оние личности коишто поднеле писмо за намери да бидат третирани како можни кандидати за уставни судии. Според партиските сознанија на ВМРО-ДПМНЕ, таква желба пројавиле најмалку неколку квалификувани судии со долгогодишен, децениски стаж во нивната работна кариера.
„За жал, владејачкото мнозинство сè уште ги крие овие имиња веројатно затоа што им е незгодно да направат споредба помеѓу кандидатите коишто се квалификувани за судии во Уставниот суд и партиските членови коишто тие сметаат дека треба да бидат послушни на Зоран Заев во Уставниот суд“, додаде Милошоски.
