Започна судењето за случајот „Моќник“, кое четири пати досега се одложуваше поради различни причини. Судијката Ленка Давидкова кажа дека се исполнети сите услови за одржување на рочиштето. При идентификација на обвинетите, обвинетите, тие се изјаснуваа дали досега се осудувани. Меѓу нив, и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Тој и пред судијката кажа дека не е осудуван.
„Не сум осудуван, не се води друга постапка против мене”, рече Милошоски.
Исказот на Милошоски пред судијката е спротивен на она што е наведено во листата од казнена евиденција кој го издал Основниот суд во Тетово.
„А1он“ објави дека според документот издаден по барање на Државната изборна комисија непосредо пред изборите во 2020 година, тој бил двапати осуден и тоа за кривични дела фалсификување на исправи и кражба. Предудата била донесена од Основниот суд во Ахен. Податоците за осудуваноста на Антонијо Милошоски бра поткрепени со документи на германски јазик од тамошните институции кои ги објави „А1он“.
Дека не е осудуван кажа и првообвинетиот Милош Милошоски, татко на Антонијо Милошоски. Исто се изјаснија и останатите 11 обвинети.
„Бог да чува“, искоментира обвинетиот Јанаќе Витаноски, прашан дали е осудуван и дали против него се води постапка.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски е третообвинет во случајот „Моќник“. Тој се товари дека ги сторил кривичните дела измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Прво и второобвинет за измама, пак, се таткото на Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. Според обвинението, пратеникот Антонијо Милошоски ја искористил својата позиција и вршел континуиран притисок врз државните органи и судовите за да не ја поништат продажбата на зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри во Македонски Брод, а го купил неговиот татко.
„Моќник“ се води против 13 лица, меѓу кои и против поранешниот претседател на комисијата за лустрација, Томе Аџиев.