Милошоски избегнува да разговара за „сечените, лепени и монтирани материјали“

Од:

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со целосно спротивни ставови за тоа што ќе биде предмет на работа на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, која денеска беше изгласана во Собранието, а која треба да ја утврди вистината околу објавените политички „бомби“. Иако се уште не почнала со работа, членовите на Комисијата немаа усогласени ставови кои ќе бидат нејзините надлежности. Петре Шилегов од СДСМ и претседател на ова новоформирано собраниско тело, посочи дека примарен интерес на Комисијата ќе биде содржината на „бомбите“ и политичката одговорност. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ одби да одговори на ова прашање.

-Комисијата ќе работи на сите надлежности кои и се дадени согласно одлуката и ние ќе бидеме активно вклучени во се. Комисијата ќе работи на сите материјали кои ќе ни бидат доставени согласно надлежностите и ќе утврдиме се што е во рамки на нашите овластувања – повторуваше Милошоски одбивајќи при тоа да одговори дали ова тело ќе расправа за наводите за криминал содржани во разговорите.

Додека траеа партиските преговори за излез од политичката криза ВМРО-ДПМНЕ застапуваше став дека содржината на „бомбите“ не ттреба да биде предмет на работа во Собранието. Со последниот договор меѓу политичките партии сепак беше прифатено овие теми да бидат предмет на работа за Комисијата.

-Мислам дека Милошоски се уште мисли дека се наоѓа во преговори. Се надевам дека ќе се надминат овие детски болести на ВМРО-ДПМНЕ, се надевам заради интересот на Република Македонија. Милошовски одби да одговори на клучното прашање, а тоа е дали ќе се разговара за содржината на објавените разговори иако за тоа имаме донесено одлука на Собранието. Анкетната комисија како примарна работа ќе разговара по содржината на објавените бомби и утврдување на политичката одговорност кај носителите на државни функции – изјави Шилегов по изјавата на Милошоски.

Како што појасни Шилегов, Комисијата ќе има три основни надлежности. Првата ќе биде да се утврдат околностите преку кои е дојдено до прислушувањето, потоа да расправа по содржината на објавените разговори и да утврди политичка одговорност на актерите во објавените разговори, а како трето да даде препораки.

Наспроти тоа Милошоски изјави дека членовите на Комисијата ќе треба да ја утврдат хронологијата на настаните, како се случило прислушувањето, во кои околности, да се посетат институциите и да се утврди пропустот.

-Комисија ќе има задача да утврди како настанало прислушувањето, дали прислушувале поединци или цела институција? Дали било овластено или неовластено. Дали тој што ги изнел материјалите ги изнел легално или нелегално? Дали има политичка корист од тоа или нема. Дали некој платил за материјалите или не? Комисијата ќе треба врз тие факти да препорача заклучоци кои со нивна примена ќе оневозможат идно нарушување на системот за прислушување – рече тој откако Собранието го изгласа персоналниот состав на Комисијата.

Истата ќе биде составена од 16 члена, а мнозинството ќе го има ВМРО-ДПМНЕ со осум пратеници од оваа пратеничка група. Четири се на предлог на СДСМ и меѓу нив за претседателот Шилего, и заменик претседателот, Горан Мисовски. Двајца се на предлог на ДУИ, еден на предлог на ДПА, а еден независен пратеник, односно Роза Топузова-Каревска.

Следните денови треба да се одржи првата седница на која ќе биде утврден деловникот за работа. Комисијата ќе има право да сослушува сведоци и експерти, а нејзините седници ќе бидат отворени за јавноста, освен во случаи кога ќе се расправа за класифицирани информации или кога сведокот ќе го побара тоа поради своја лична заштита. Првиот извештај треба да биде готов до крајот на јануари.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Евакуација во Ниш, ќе се дислоцира стара, но моќна бомба на НАТО

Горан Наумовски

Поради наводно подметната бомба евакуирана болница во Москва

Горан Наумовски

Експлодира бомба во центарот на Атина, оштетена зградата на Министерството за труд

Дојава за бомба во РТС

По дојава за поставена бомба: Затворени 27 училишта во Белгија

Детали за инцидентот во Призрен: По тепачката фрлена e рачна бомба, десет лица се повредени

Горан Наумовски