Проф. д-р Миле Димитровски ќе ја води Комората на oвластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, во наредните четири години.
Комората, која брои повеќе од 3.000 активни членови, одлуката ја донесе на Изборното собрание изминатиот викенд, со тајно гласање, со апсолутно мнозинство гласови.
Како што информираат од Комората, Димитровски е редовен професор на Машинскиот факултет при Институтот за термичко инженерство, и активен учесник во реализација на многу проекти од областа на енергетиката. Автор е на 21 учебник/скрипти и на преку 70 научни трудови од областа на енергетиката, моторите, екологијата итн. Во своето богато експретско искуство, бил носител на бројни признанија и награди од домашен и меѓународен карактер.
Професор Миле Димитровски е досегашен раководител на одделението за машинство при Комората, член на Управниот одбор на Комората и одговорно лице за меѓународните активности на Комората. Неговиот досегашен ангажман во органите на Комората резултираше со приемот на македонската комора во Светската федерација на инженерски организации (WFEO), проактивно учество на македонската комора во Европската асоцијација на инженерски комори (ECEC), развој на Европскиот комитет за континуирана професионална обука (CPD) итн.