Мијалков со семејството, Камчев остана со Наташа Савова по рочиштето за „Плацовите на Водно“

Од:

Со воведните зборови на обвинителката Лиле Стефанова заврши првото рочиште за „Плацови на Водно“, кое се одложува за 19 јули, кога обвинетите треба да се произнесат дали чувствуваат вина за делата за кои се гонат. По завршувањето на првото рочиште, Александра и Јордан Мијалков, кои се сопруга и син на Сашо Мијалков, останаа со обвинетиот во судницата, каде имаа кратка средба. Поранешниот директор на УБК, на семејството му презентираше одредени документи.

Ана Камчева, сопруга на Јордан Камчев, не беше присутна на судењето. Судењето го следеше неговата соработничка Наташа Савова, која и претходно кога Камчев беше уапсен, го чекаше пред Кривичниот суд. Тие се прегрнаа по рочиштето и се тргнаа во агол од судницата каде разговараа. Веднаш по рочиштето, меѓу првите замина обвинетата Ратка Камчева, мајка на обвинетиот Јордан Камчев.

Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој експремиерот Никола Груевски ги трошел парите наменети за партијата. Таа не сакаше да даде изјава по завршувањето на првото рочиште.

Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.

Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.

Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.

Бизнисменот Орце Камчев е во притвор во истражниот затвор во Шутка од 14 март годинава, откако месецов му беше продолжен за нови 30 дена за предметот „Плацови на Водно”. Притвор беше определен и за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од земјава и е азилант во Будимпшета. Мерки на претпазливост им беа определени и на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева.

Би можело да ве интересира

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ана Ололовска

Одложено судењето за „Плацеви на Водно“, обвинителката Стефанова ќе се тестира за Ковид-19

Ана Ололовска

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ана Ололовска

Андов демантира дека Камчев се лекува со сол и газирана вода во затворот во Шутка, немал висок притисок

Се одложи „Плацови на Водно“, се преведуваат доказите од англиски на македонски јазик

Кристијан Ландов

Ново рочиште за случајот „Плацови на Водно“

Ана Ололовска