Со 11 милиони евра, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков излегува од притвор, односно затворот во Шутка. Апелација му ја уважи жалбата и прифати тој да гарантира дека нема да избега со недвижен имот. Нему, сега му се одредени само мерки на претпазливост. Мијалков излегува од затвор по десет месеци поминати во келија.
„Со одлука од Апелација уважена е жалбата, Прифатена е гаранцијата од 11 милиони, сѐ е во недвижен имот. Има мерки на претпазливост, пријавување во судот во одредени денови и привремено одземање на патна исправа“, велат од Апелација.
Мијалков гарантирал со имот кој е регистриран и на други физички и правни лица. Притворот ќе му се укине откако ќе се запише хипотека на истиот. Гаранцијата ја прифатил Кривичиот совет на Апелација, односно судиите Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов.
Обид да излезе од притвор, Мијалков имаше и во јуни. Тогаш и Вишото јавно обвинителство, даде согласност, со гаранција од 10.8 милиони евра, екдиректорот на УБК да излезе од притвор. Тогаш, Апелација ја одби гаранцијата и одлучи дека постои опасност тој да се даде во бегство.
Ексдиректорот Мијалков беше спроведен во затворот во Шутка на крајот на февруари откако му беше изречена казна затвор од 12 години за масовното прислушување, односно судскиот процес „Таргет – Тврдина“. Притворот му беше продолжен се до пресудата за судскиот процес „Трезор“ за набавката на опремата за нелегално прислушување каде обвинителите одново пробараа притвор за Мијалков се до правосилност на пресудата. За случајот „Трезор“ Мијалков доби казна затвор од 8 години која се уште не е правосилна.