Сашо Мијалков да остане во притвор, ваков е ставот на Вишото јавно обвинителство кое се произнело по жалбата на првостепено осудениот поранешен директор на УБК. За разлика од обвинителот Артан Ајро, кој сметаше дека со 10.8 милиони евра, Мијалков може да гарантира дека нема да избега, вишиот обвинител Бурим Рустеми не мисли така. За Рустеми, и со овие средства, опасноста од бегство и криење постои.
И покрај негативното мислење од Вишото јавно обвинителство за ексдиректорот Мијалков да излезе од затворот „Скопје“ во Шутка, конечната одлука ќе ја донесе Апелацискиот суд во Скопје. Судиите ќе треба да кажат дали милионите на Мијалков се доволона гаранција дека тој ќе биде достапен за правосудните органи.
Гаранцијата од близу 11 милиони евра за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да се брани од слобода ја дале правни лица. Ниту Обвинителството ниту Управата за финансиска полиција не истражуваат како се заработени понудените 10.8 милиони евра гаранција за слободата на Мијалков.
Ексдиректорот Мијалков беше спроведен во затворот во Шутка на крајот на февруари откако му беше изречена казна затвор од 12 години за масовното прислушување, односно судскиот процес „Таргет – Тврдина“. Притворот му беше продолжен се до пресудата за судскиот процес „Трезор“ за набавката на опремата за нелегално прислушување каде обвинителите одново пробараа притвор за Мијалков се до правосилност на пресудата. За случајот „Трезор“ Мијалков доби казна затвор од 8 години која се уште не е правосилна.