По начелното правно мислење на Врховниот суд за неможноста на СЈО да покренува обвиненија и да отвора истраги по рокот од 18 месеци, осомничените во предметот „Империја“, до кривичниот суд ќе поднесат барања за укинување на куќниот притвор, дознава „Макфакс“ од одбраната.
Тоа значи дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев и останатите четворица осомничени во оваа истрага на СЈО за кои е изречена оваа мерка, врз основа на мислењето од Врховниот суд, ќе достават барање до скопска единица да им биде укинат куќниот притвор кој им беше продолжен на предлог на Обвинителството минатата недела. Образложението ќе биде дека куќниот притвор го побарал неовластен тужител.
Куќен притвор во траење од 30 дена, освен Мијалков и Камчев, добија и Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски, како дел од 12 осомничени во истрагата со кодно име „Империја”.
Мирчевски е директор на офшор компанијата „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, а Јосифовиќ е соработник на Камчев. Зорица Арсовска е сметководителка во неговите фирми.
СЈО во истрагата ги осомничи за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Обвинители за „Макфакс“ коментираат дека Врховниот суд не го доставува начелното правно мислење до пониските судови, т.е. дека членот 37 од Законот за судови обезбедува единствена примена на Законот по хоризонтала, но не и по вертикала.
Врховниот суд на општа седница денеска пресече дека СЈО не може да отвора истраги и да поднесува нови обвиненија по рокот од 18 месеци, по иницијативата на двајцата адвокати Боро Тасевски и Еленко Миланов врз основа на Законот за судови од 2018 година.
Васко Маглешов