Мицкоски прифаќа идната година да има вонреден електронски попис, но го условува со прифаќање на една изборна единица „веднаш“

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.

Мицкоски, ова го кажа во одговор на пратеничкото прашање на пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијансата на Албанците, кој праша дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по вчерашната одлука на Уставниот суд за спроведување на пописот во 2021 година.

– Уставниот суд на вчерашната седница укина некои одредби од методологијата за спроведување на Пописот на населението во 2021 година. Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и нерезидентно население за што немал законско овластување, рече Снопче.

Според него, следствено на ова, одлуката на Владата за намалување на бројот на советниците во општините е невалидна.

– Дали на следната седница на Владата ќе ја поништите претходната одлука и да се врати претходната одлука за бројот на советници. Логички, не може да се отстранат нерезидентите бидејќи нивната одлука има директно влијание во изборот и бројот на советниците, праша Снопче. Тој, исто така, посочи дека претходно пред пет месеци има поднесено барање за автентично толкување за оваа владина одлука, но досега немал добиено никаков одговор.

Во одговор на прашањето, премиерот Мицкоски нагласи дека кај нерезидентното население во последниот попис немало адреса, туку било класифицирано како нерезидентно население. Тој посочи и дека разликите во бројот на население кај општините меѓу двата пописа, последниот и претходниот, биле големи, при што го наведе примерот на Општина Гостивар, од каде што е пратеникот Снопче, каде што од 85 илјади бројот на жители бил намален на 59 илјади население кое што е резидентно. Во тие 59 илјади имало и неколку илјади кои што не се изјасниле што се, односно одбиле да се попишат.

– Често зборувам дека дијаспората е нераскинлив дел од унитарниот карактер на Македонија како држава и затоа ве молам како политичка партија да поддржите една изборна единица во која што ќе овозможите дијаспората да гласа, рече Мицкоски.

Тој потенцира дека Уставниот суд не може да биде законодавец и не е тој кој што кажува како треба да се работи, туку се произнесува по законски решенија.

– Но, не може да наметне. Тоа сте вие пратениците и во одреден дел, Владата. Уставниот суд вели не може да има графа нерезидентно и графа резидентно население, за што ние зборувавме уште во време на пописот, дека тоа не го препознава Евростат. Исто како што молевме немојте да го правите ова со Францускиот предлог, рече Мицкоски.

Тој притоа предложи идната 2026 година да се спроведе вонреден електронски попис.

– Ви гарантирам дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски, рече Мицкоски, додавајќи дека е подготвен како претседател на Владата таквиот попис да се направи веќе идната година и за тоа да се предвидат средства во Буџетот.

Во коментар на ваквиот одговор на Мицкоски, пратеникот Снопче рече дека за да гласа дијаспората не е потребна една изборна единица, туку политичка волја на партиите.

Уставниот суд на денешната седница укина делови од методологијата за Попис на населението од 2021 година, а кои се однесуваат на категориите „резидентно“ и “нерезиденто“ население кои беа воведени при последното пребројување на населението во државава.

– Во предметот У.бр.251/2025 кој опфаќа одредби од спроведената Методологија за пописот од 2021 година информираме дека Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина: Дел II ‘Општ дел’ точка 5 потточка 1 во делот ‘Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис’ и потточка 2 во делот ‘Вкупно нерезидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис’ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, се наведува во соопштението од Уставен.

Судиите на Уставниот суд, одлучувајчи по иницијативата поднесена од пратеникот на опозициската коалиција „Европски фронт“ Скендер Реџепи, оцениле дека ваквата категоризација не е во согласност со темелните вредности на македонскиот уставен поредок-владеењето на правото и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: После седум години застој се работи на интерконекторот за гас со Грција

Прво изградба на болниците во Штип и Кичево, а потоа и нов клинички центар во Скопје, вели Мицкоски

Цел мандат ли ќе барате подобра преговарачка позиција: Како „модерни“ Македонци не влегуваме во ЕУ – Филипче и Мицкоски за евроинтеграциите

Мицкоски: Во центарот на Европа одредени европарламентарци се обидоа да креираат нова нација и нов јазик во 21. век

Албанската опозиција пропушти 20 години за да обезбеди правична застапеност, вели Мицкоски

Мицкоски: Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност

Горан Наумовски