Премиерот Христијан Мицкоски вели дека состојбата со цените на енергентите во Европа е алармантна, дека тие секојдневно растат и веќе се трипати повисоки од овој период минатата година. Но и покрај тоа, како што нагласи, Владата прави сè што е во нејзина моќ во Македонија да нема покаспувања и да останеме земја што во Европа има убедливо најниски цени на дизелот и на безоловниот бензин, на електричната енергија и на затоплувањето.
– Состојбата во Европа е жестоко алармантна. Кога зборувам жестоко алармантна, зборувам нуклеарни централи што не работат, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се навистина историски највисоки, по 400, 500, па и повеќе евра за мегават-час. Ова важи и за гасот. И ова се случува во континуитет некаде од втората половина на август, сега сме веќе на средината на ноември, и не само што состојбата не се смирува, туку, напротив, се влошува. Што правиме ние? Ние како Влада, односно АД ЕСМ, на јавниот повик на „ЕВН хоум“, ќе достави понуда што ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара зголемување на цената. Така што, што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување, но тоа не можам да го кажам за приватните субјекти, кои учествуваат со нивна суверена политика. Јас тука не можам да интервенирам – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Гази Баба.
Појасни дека Владата изготвила бизнис-модел, кој изминативе денови го разработувавала со АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, но и бизнис-план со кој нема да се бара покачување на цената на струјата.
– Производот ќе биде по иста цена, зборувам за државната компанија АД ЕСМ, а на крајот од 2027 година ќе целиме на профит што би го остварила оваа компанија. Таков е овој бизнис-модел што го креиравме и сега треба да видиме дали ќе функционира – нагласи премиерот.
Што се однесува до парното греење, како што информира, се бара многу големо поскапување, но рече дека ќе се борат тоа да не се случи.
– Цената на гасот е трипати поголема од минатогодишната а истиот период. Меѓутоа, тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно тоа да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја во Европа со убедливо најниски цени на дизелот и безоловниот бензин, горивата, електричната енергија и затоплувањето – рече премиерот Мицкоски.
Приоритет на Владата, додаде, е заштита на стандардот.
– Ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ова ќе може да се издржи, но до овој момент ние со нашите механизми што ни стојат на располагање и креативни решенија успеваме да се спротивставиме на овој притисок – рече Мицкоски во одговорот на новинарско прашање.
