Мицкоски им се извини на пратениците за хаосот во Собранието, СДСМ му прача да и се извини на јавноста

Од:

СДСМ остро реагираше на извинувањето што премиерот Христијан Мицкоски го упати по инцидентите за време на расправата за реконструкцијата на Владата, оценувајќи дека станува збор за „изнуден театар“, а не за искрено признавање на грешката.

„Христијан Мицкоски смета дека едно срамно изговорено, изнудено „извинете“ во празна собраниска сала може да ги измие сите досегашни навреди кон граѓаните. Не може!“, наведуваат од СДСМ.

Од опозициската партија потсетуваат дека, според нив, Мицкоски во повеќе наврати користел навредливи квалификации кон граѓаните, а заедно со кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, упатувал навреди и кон пратеници во Собранието.

„Вакво однесување на еден премиер досега не е видено во ниту една нормална држава. Вистинското извинување значи признавање на грешката. Досега од Мицкоски видовме само театар. Граѓаните заслужуваат почит, а не навреди од премиерот на државата“, се вели во реакцијата.

Реакцијата следува откако Мицкоски, на крајот од расправата и непосредно пред гласањето за новите министри во рамки на реконструкцијата на Владата, се извини за случувањата во законодавниот дом.

„Како претседател на Владата, сакам да се извинам на вас, на пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори“, рече премиерот.

Инцидентите следуваа откако пратеничката група на СДСМ обвини дека кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ за време на расправата упатил навреди кон пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески. Координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски изјави дека и Мицкоски користел навредливи квалификации кон опозициските пратеници, а ја критикуваше и реакцијата на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Поради тоа што, како што рекоа, Стоилковиќ не се извинил, пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците ја напуштија седницата на која се избираа новите министри.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Мицкоски нема ниту еден резултат, реконструкцијата е само замена на имиња и нема да смени ништо

(ВИДЕО) Спасовски: Нервоза и навреди на Мицкоски и Стоилковиќ кон пратениците на СДСМ, бараме извинување и реакција од Гаши

Одложена координативната средба на опозициските партии околу Изборниот законик, поради неприсуство на СДСМ

Мицкоски: Не се збогуваме со луѓе кои не работеле, сакаме врз тоа што е направено да изградиме уште повеќе

А1он

(ВИДЕО) Кузеска: Братот на Трајко Славески од чувар до функционер

А1он

СДСМ нема да учествува на средбата за Изборниот законик што ја иницира Левица

Катерина Ѓуровски