Во Одделението за заштита на правата на потрошувачите во Агенцијата за храна и ветеринарство од почетокот на годинава досега се пристигнати 218 претставки, од кои 112 се во областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
– По бројност, по нив се оние кои се однесуваат на безбедноста на храната од неживотинско потекло. Нивниот број досега изнесува 90. Само 13 претставки се однесуваат на безбедност на храната од животинско потекло. Останатите се предлози, нагласува директорот на АХВ, Николче Бабовски.
Минатата година, 226 од поднесените претставки до АХВ биле со наводи кои се однесувале на храната од неживотинско потекло, додека најмал бил бројот на претставки за безбедноста на храната од животинско потекло. Според Бабовски, нивниот број во 2022 година изнесувал 25.
Голем е бројот на граѓани и правни лица кои наместо кај инспекторатите за животна средина, пазарна или кај комуналните инспекции, поднесуваат претставки во Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Валканата вода од шталата на соседот тече во пукнатата цевка од селскиот водовод, соседите од зградата хранат мачки и кучиња кои постојано лаат и од нив не можеме да спиеме, оџакот од сендвичарницата во приземјето од нашата зграда е свртен директно кон терасите и не можеме од јака миризба да излеземе надвор, пазарев храна а сметката која ми ја дадоа е бледа, гаврани напаѓаат во градскиот парк…“ се некои од претставките поднесени до АХВ.
Други граѓани се пожалиле дека во влезот на зградата им смрди на риба, некои од нив се исплашиле од осите во паркот, додека еден граѓанин кој чувал јато гулаби се пожалил дека јастребот на соседот му ги нападнал.
Најбизарен случај кој го добила АХВ е претставката на постара жена од Скопје која преку интернет порачала машина за везење за сума од 50 долари и ја платила со картичка, но наместо машината добила само плико со две платнени маски во него.
До АХВ некогаш стигнуваат и претставки за квалитетот на прехранбените производи.
„Дали лебот Тонус е здрав?“, „Може ли јачменот да ми предизвика алергија?“, „Лебот што го купувам еден ден е препечен друг ден скоро жив“,„Се сомневам дека сокот има нешто поради што многу пени кога ќе се отвори“, информираат од АХВ.
Ова се случува затоа што најчесто граѓаните не знаат кои се точно ингеренциите на Агенцијата за храна и ветеринарство, односно не се информирани претходно до кои институции треба да се обратат за своите домашни, комунални, пазарни или здравствени проблеми.
„ Агенција за храна и ветеринарство ќе постапува по претставки и предлози по наводи кои се во нејзина надлежност согласно законските прописи. Кога органот прима претставка, односно предлог по која не е надлежен да постапува, овластеното службено лице истата ја препраќа до надлежниот орган без одлагање.
За ширење на непријатна миризба (при угостителска или туристичка дејност), како и за зголемена јачина на звук (бучавост) емитирана од уреди, апарати и опрема за работа е надлежен е инспекторатот за животна средина кој излегува на терен.
Заловувањето на бездомни кучиња кои се агресивни и напаѓаат минувачи го вршат општините, односно Градот Скопје согласно план одобрен од АХВ.
Општините, како и градот Скопје го пропишуваат и начинот на користење на комуналните услуги во поглед на услови за чување на животни и домашни миленици во дворни места на колективни и индивидуални станбени објекти“, наведоа од Агенцијата за храна и ветеринарство.