Со современ модерен апарат првпат се мери квалитетот на амбиенталниот воздух во општините Пехчево, Берово, Делчево и Виница.
Мерењето на квалитетот на амбиенталниот воздух е активност од проектот „Заедничка интегрирана политика за нискојаглеродна економија во прекуграничниот регион“ финансиски поддржан од ИПА програмата за прекугранична соработка, а имплементиран од НВО „Амброзија“ од Пехчево и Центарот за обновливи извори на енергија од Благоевград, Бугарија.
Јасмина Пашалиска-Андоновска од НВО Амброзија истакна дека мерењата започнаа од Берово, а продолжуваат во Пехчево, потоа во Делчево, па во Виница.
– Мерењата се вршат со аерпоентер, тоа е еден мобилен уред кој ги задоволува стандардите, за да ги задоволи сите параметри кои ни се цел во проектот, а тоа се ПМ 10 честички, сулфурен диоксид, јалгероден моноксид, озон, при што се земаат предвид, температурата на воздухот, влажноста, насоката и јачината на ветерот. Значи, во рамки на стандардите кои се пропишани и кои се усвоени со законските норми се мери амбиенталниот воздух, истакна Пашалиска-Андновска.
Таа додаде дека квалитетот на амбиентаниот воздух е еден од параметрите кој на локално ниво треба да се следи и соодветно да се преземаат мерки за негово подобрување, а во општините од крајниот исток досега се правени само поединечни мерења за потребите на одредени фирми.
– За четирите општини од регионот досега се правени единечни мерења на одредени фирми, но мерењата на квалитетот на амбиенталниот воздух се прават првпат и согласно со динамиката на проектот, овие мерења освен во овие општини, ќе се спроведат и во пет општини од пограничниот регион во соседна Бугарја, а мерењата ќе се одвиваат во текот на десет месеци, значи во различни временски периоди да видиме како се движи квалитетот на воздухот во грејна сезона, во летен период и аналогно на тоа да можат да се направат соодветни споредби и препораки, истакна Пашалиска-Андоновска.
Резултатите од десетмесечните мерења ќе ги анализираат експрети, по што ќе се донесат препораки кои ќе се содржат во заедничка нискојаглеродна политика во пограничниот регион.