Една од најмладите пациенти кои ја изгубија битката со коронавирусот, а е меѓу денешните случаи, е 31-годишна жена од Гостивар која била бремена.
Болнички извори за „А1он“ тврдат дека жената првично била донесена на Гинеколошко-акушерската клиника, било констатирано дека е позитивна на Ковид-19 и на 26 мај родила мртов плод.
Веднаш потоа, жената била префрлена на Инфективната клиника каде што биле вложени сите напори, но нејзината здравствена состојба била исклучително тешка.
„Навистина се направи се што можеше. Секојдневно ја следевме, но во последниве десетина дена нејзината состојба се повеќе се влошуваше“, велат извори од клиниката.
Ова е втора трудница која почина во земјава како последица на коронавирусот. Претходно почина 27-годишна жена од Куманово, која претходно роди здраво бебе, негативно на Ковид-19.
Позитивен на коронавирусот беше и нејзиниот свекор, кој исто така почина.