Меџити: Груби е послушник на Ахмети и се однесува како ДУИ да е негова, нека се свестат – револтот кај членството е голем

Од:

Во ДУИ нема клима за здрава и демократска комуникација помеѓу раководството, партијата е препуштена во рацете на Артан Груби, а членството е револтирано и незадоволно и ова ДУИ може скапо да ја чини, изјави Изет Меџити, потпретседател на партијата, за „А1он“. Како што вели тој, не му е јасно зошто лидерот Али Ахмети својот авторитет го троши на Груби, кој во последните неколку години се однесува како партијата да е негова, а не ужива добар рејтинг ниту меѓу членството ниту на терен. Според Меџити, доколку ДУИ не го надмине ова, не го помири револтираното членство, кое не се согласува со оваа ситуација, партијата ризикува да има лош резултат на изборите.

„Зошто Ахмети го троши својот авторитет покривајќи го Груби – немам одговор. Тоа е еден затворен круг помеѓу Ахмети и Груби. Едноставно, Груби се однесува како партијата да е негова. Ова ги револтира членството, гласачите. Јас не зборувам од мое име, туку ја кажувам состојбата од терен. Не сум само јас кој е незадоволен условно речено, имате луѓе во ДУИ што велат дека не ја препознаваат онаа старата ДУИ. Ако до пред некое време недоразбирањата ги решаваме со дебата, на маса, сега тоа го немаме. Во партијата има луѓе што од 2002 година ја граделе, придонеле за многу нејзини успеси, а се истуркани настрана. Не може ДУИ да се идентификува преку еден човек, кој, да бидам искрен до крај, и не е човекот што бил дел од основањето, туку е дојден од надвор. Лично немам ништо против него, ние сме школски другари, но неговите постапки не ја водат партијата на добар пат“, вели Меџити.

Потпретседателот на ДУИ пред извесно време се повлече од одредени активности на партијата, отворено рече дека не се согласува со чекорите што ги презема лидерот Ахмети, а побара и Груби да ја напушти функцијата. Смета дека за ДУИ најдобро решение е реформирање со нови кадри. Како што вели, не е во ред едни исти министри да седат во фотелјите со децении, а за сметка на тоа квалитетни луѓе да бидат во заднина затоа што не се лојални или послушни.

„Времето на послушници треба да заврши. Тоа треба да си го разбере ДУИ ако сака да оди напред. Не може во партијата едни исти луѓе со години да бидат на јаки функции. Ние имаме млади образовани кадри, кои растеле со партијата, кои се дел и од мојот чаирски разгранок, а не дошле до израз. Зошто? Затоа што не се блиски со лидерот, не се доволно лојални, затоа што кажуваат отворено со она што не се согласуваат, па каде е тогаш демократијата, каде е судирот на мислењата и ставовите? Не може една партија да има успех без здрава дебата, мора да го чуе гласот на членството затоа што токму тоа ги донело на тие функции“, порача Меџити.

Меџити потсети дека ваквите лоши политики ДУИ ја чинеле лош резултат на изборите во 2016 година и го повика Ахмети на разумност затоа што би било голем ризик да има лоши локални избори, кои се показател каков резултат може да следува на наредните парламентарни избори.

„Не сакам да бидам погрешно разбран, но ќе потсетам на изборите од 2016 година, кои се одраз на тоа каков рејтинг има Груби. Тој тогаш беше носител на листа во Првата изборна единица и изгуби. Членството не го сака, тоа се бројки од теренот, а ДУИ тогаш од прва партија според рејтингот во Скопскиот Регион, падна на третото место. Потоа на следните избори моравме многу да работиме за да го обелиме образот кај гласачите. И затоа велам: Ахмети треба да биде свесен дали треба да жртвува многу луѓе, гласови и рејтинг за еден човек“, вели тој.

Меџити додава дека пред локалните избори за кандидат за градоначалник од неговиот разгранок ќе го поддржи Висар Ганиу за втор мандат. Што се однесува до другите имиња на кандидатите за градоначалници, очекува да има состанок на раководството и општинските разрганоци за на лиситите да се најдат имиња што уживаат добар рејтинг во нивните средини, а не луѓе блиски до лидерот.

Би можело да ве интересира

Груби со куфер пред Општина Чаир побара оставка од албанската опозиција

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува

Ахмети скандирајќи „УЧК“ му порача на Мицкоски: Христијане, мери си ги зборовите, на устата уште имаш млеко“

Орце Костов

Бугарите дел од уставот, Османи преседател, Села прв човек на Собранието – ДУИ симулираше конститутивна седница

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Тоа што ДУИ го критикува работењето на СДСМ, а СДСМ нема кажано ниту збор против ДУИ, докажува дека се нивни измеќари

ДУИ: Загрижени сме од апстиненцијата на ВМРО за членство на Косово во Советот на Европа