Мециновиќ: Македонија не смее да биде земја каде што животот се купува и продава

Од:

„Во ова прво обраќање на политичката партија Левица во најтраорните денови во поновата македонска историја, кога ја преживуваме најголемата колективна болка како нација – уште еднаш изразуваме сочувство до семејствата на загинатите и брзо закрепнување на повредените. Во отсуството на зборови кои можат да ја утешат болката, и да ја пополнат празнината од оваа страшна трагедија – оваа држава и овој народ, сите ние, мораме да стоиме сплотено и со понизност кон болката која не обзема – да го побараме тоа што мора да следи – а тоа е одговорноста“, истакна Амар Мециновиќ, пратеник од Левица и потпарол на партијата на прес конференција во македонското Собрание.

Во обраќањето кон јавноста посочи дека судбината која ги обединува сите трагедии од изминатите години, како модуларната болница, онкологија и тн со оваа кобна вечер – е судбина запечатена со корупција. Истакна дека не смее да се бега од вистината дека ова не е инцидент туку е системска пресуда на држава во која корупцијата стана поважна од човечкиот живот.

„Затоа, ова е моментот кога државата мора да покаже дека постои. Институциите мора да делуваат брзо, ефикасно и без компромис. Ова не е време за калкулации, ниту за политички маневри, туку за дејствија на сите нивоа на власта – за да се создаде безбедноста и осигура одговорноста. Бараме од Владата, од Министерството за внатрешни работи, од обвинителството и од сите надлежни органи да спроведат сеопфатна, транспарентна и бескомпромисна истрага, бидејќи јавноста овој пат не останува нема за селективна правда. Не прифаќаме изговори. Секој што дозволил ова да се случи без разлика на функцијата, позицијата или влијанието мора да одговара“ рече Мециновиќ и праша дали државата ќе се направи сè што е потребно или повторно ќе гледаме заташкување.

Од пресот повика на одговорност но кажа и дека се тука за да понудат решенија. Од институциите очекуваат да покажат зрелост, но доколку не го сторат тоа, Мециновиќ истакна дека Левица е тука да ги поттикне, да ги разобличи и да укаже на вистината.

Во однос на неизмерната трагедија истакна дека од досега изнесеното може да се видат низа системски и структурални пропусти во различни сфери како финансиски и административни нерегуларности, блокирана сметка на фирмата управител на дискотеката, минусно салдо на завршна сметка во 2023 година.
„Нејасно е како воопшто работела дискотеката со блокирана сметка, како плаќала набавки и трошоци, дали со готовина (што е незаконски) или преку трета фирма. Во декември 2023 година, УЈП утврдила дека не се издаваат фискални сметки, по што дискотеката била затворена, а сопственикот казнет“, истакна Мециновиќ.

Од нерегуларностите кои досега излегоа во јавност ги посочи и истечената и важечка лиценца истовремено, „што укажува на административен хаос или свесно заташкување“, непостапување на Пазарна инспекција на терен која последен пат била во контрола пред четири години, иако дискотеката редовно организирала масовни настани, како и тоа дека дискотеката не постои во регистарот на лиценци на Министерството за економија.

„Во 2012 година, сопственикот се обидел да го пренамени објектот од лесна индустрија во угостителски објект, но Пазарниот инспекторат и општинските власти тогаш биле изманипулирани дека дозволата е за „лесна индустрија“ со јавен паркинг. Тогашниот градоначалник Димитриевски не презел ништо откако дискотеката почнала да работи“, истакна Мециновиќ.

Од страна на безбедносни пропусти и злоупотреби истакна дека вечерта кога се случи трагедијата имало 650 луѓе во дискотеката, иако капацитетот бил само 300, продадени биле 250 карти, а имало најмалку 31. Фирмата „Рубикон“, која требало да обезбедува безбедност, немала потпишан договор со дискотеката.
Одговорност лоцираше и кај институциите и полицијата и тоа дека полицијата имала претходни пријави за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир во дискотеката, но службениците од Кочани и Штип дале позитивно мислење за работата на локалот при што посочи и дека постои сомнеж дека полицијата примала мито за да не постапува.

„Разрешените началници се вратени на претходните работни места, што укажува на круг на неказнивост – за што бараме од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да си поднесе оставка во рок од седум дена, во спротивно ние ќе поднесеме интерпелација во Собранието“ рече Мециновиќ.

Според Левица само дел од наведените причини откриваа дека ова не е само трагедија предизвикана од пожар туку е целосен крах на системот. Оваа дискотека не само што работела незаконски, туку тоа го правела со години, пред очите на сите институции што требало да ја спречат. Корупцијата, небрежноста и институционалната неказнивост се директни виновници за смртта на толку голем број невини луѓе.

„Во наредните денови ќе предложиме четири клучни законски решенија: Измени во Кривичниот законик за одредбите кои беа сменети минатата година а се однесуваат на кривичната одговорност поврзана со злоупотребата на службената положба, укинување на приватното обезбедување во објекти од висок ризик, државни објекти и поголеми собири и измени во Законот за инспекциски надзор, како и во Законот за градење, како и по барање на медиумски работници да се создаде законска материја која ќе ги обврзува медиумите да имаат фонд на материјал за емитување во денови на жалост по примерот на јавниот сервис.

Ова мора да биде последната ваква трагедија. Македонија не смее да биде земја каде што животот се купува и продава. Каде што корупцијата диктира кој ќе живее, а кој ќе гине. Каде што институциите служат како параван за неказнивост, а граѓаните се оставени сами на себе. Дојден е моментот на одлука. Или ќе изградиме систем што ќе ги штити луѓето, или ќе оставиме анархијата да владее. Или ќе расчистиме со корупцијата, или ќе ѝ дозволиме да убива. Нема повеќе сиви зони, нема повеќе изговори. Ова не е прашање на политички разлики, туку на државна чест. Ова е тест за Македонија, истакна Мециновиќ.

Би можело да ве интересира

Првиот од 115-те пациенти на лекување во странство се врати во земјава

А1он

Избега пациент и се обиде да убие човек, Левица бара разрешување на Жан Лозановски – директор на болницата во Демир Хисар

А1он

Двајца пациенти од Кочани кои се лекуваат во Ниш се во стабилна состојба

За потешко повредените од дискотеката во Кочани ќе треба подолгорочна и попрофесионална рехабилитација

Горан Наумовски

Се вршат претреси во Кочани и Скопје, се одземаат електронски уреди и докази

Има установи за предшколска возраст, пензионерски домови и училишта кои не ги исполнуваат условите за работа, вели Мицкоски