Кога една мечка консумира овошје и бобинки, тие брзо минуваат низ нејзиниот дигестивен систем, неоштетени. Мечката потоа ги депонира семињата додека се движи низ различни територии, а овој механизам им помага на растенијата да колонизираат нови региони и промовира генетска разновидност кај растенијата. Распрснувањето на семето од мечките е особено клучно за регенерација и проширување на растителните заедници, обезбедувајќи приспособливост на екосистемите. Освен тоа, мечките чистат мрши, консумирајќи трупови од други животни. Рециклирањето на хранливи материи и органска материја го олеснува целокупниот циклус на хранливи материи во екосистемот, одржувајќи ја мрежата на животот.
Затворен цитат од научно потврдени истражувања.
Ќе се задржам на ова – „ја одржува мрежата на животот“. Колку моќно звучи. Во оваа мрежа на животот не сме само ние, семоќните – луѓето, какви што мислиме дека сме. Или оние уште „посемоќните“ – носителите на јавни функции. Во оваа мрежа е секој инсект, секоја птица, секое суштество кое гази и прелетува по оваа планета. Има причина зошто природата го создала.
Се прашувам дали овие информации ги знае заменикот директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, Сашо Дранго, чии фотографии ги видовме вчера, како гордо се фотографира со мртва мечка, заштитена со закон, додека од десната страна на неговиот џеб се гледа можеби единствената моќ што ја поседува – пушката. Тој вели дека помагал да се тргне од патот откако „настрадала во сообраќајна несреќа“, додека од здружението „Анима Мунди“ велат дека ја убил.
Да тргнеме од чиста човечка логика. Дали и колку пати сме го виделе заменик директорот на јавно претпријатие за одржување патишта да помага при сообраќајни несреќи и дали тоа воопшто спаѓа во неговиот опсег на работни обврски? Дали воопшто минатиот месец имало сообраќајна несреќа која се случила поради излегување на мечка на пат која тежи стотици килограми? Според МВР, не. Па дури и во тоа сценарио, дали доколку вториот човек во хиерархијата на едно јавно претпријатие помогне да се отстрани настрадана мечка од пат, очекувате потоа да се фотографира насмеан со распнатата мечка, додека од едната страна се гледа оружјето? И за крај, дали носење огнено оружје е дел од работните задачи на заменик директор на јавно претпријатие?
Не, господа. Голема е веројатноста дека сме излажани. И дека и покрај законските одредби, кои се децидни дека станува збор за кривично дело казниво со закон, истото ќе помине како да не било.
И во вакви случаи, легитимно е прашањето – ако не ја почитуваме природата, а притоа не ги почитуваме ниту законите, зошто би очекувале здрава животна средина, чист воздух, зошто би очекувале дека било кое живо битие кое може да ги преживее пироманите, масовната урбанизација и незаконскиот лов, би останало на оваа тажна територија. Нема да остане. А прашање е и колку долго ќе останеме ние, луѓето, вклучително и оние кои поради својата позиција мислат дека се посилни од природата. Не се. Никој не е. Начинот на кој природата враќа кога ја осакатуваме е смртоносна за сите. На крајот од денот, и функционерите и обичните граѓани го дишат истиот воздух, ги посетуваат истите наши планини, сведоци се на истиот биодиверзитет со кој толку можеме да се гордееме, а толку многу го уништуваме.
Мечката, распната како трофеј, нека ни биде потсетник на сите, оти мала е вербата во судска разрешница – дека природата вака или така, ќе најде начин вистината да излезе на виделина. Оти намерите на природата се чисти и јасни. Оние на луѓето не се. И сѐ додека не се најде балансот, таа постојано и постојано ќе ни враќа, за секоја земена жртва на суров и на сосема непотребен начин. Природата не разликува функционер од обичен граѓанин. Гледа кога е загрозена и ни возвраќа, со сета сила. Жално е што на крајот, сепак, сите ќе ги осетиме последиците.
Мери Јордановска, активист за заштита на животните