Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.
Осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, незаконски поседувал автомат STEN MKII кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.
-Оружјето и муницијата се пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги извести полициските службеници кои дојдоа во домот по пријава дека осомничениот и се заканува на неа и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие. Најпрво сега осомничениот и се закаше на жената дека ќе ја запали, а потоа ја искрши покуќнината и со нож им се закани и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.