Матичните лекари од цела Македонија утре на штрајк пред Министерство за здравство: Ова е нашиот последен крик за спас

Од:

Утре напладне матичните лекари од цела држава ќе излезат на штрајк пред Министерството за здравство. Одлучиле со штрајк да го одбележат Денот на здравјето, 7 април, оти здравствените власти не покажале слух по претходните два протеста кога тие остануваа во ординациите, но не работеа преку системот „Мој термин“.

„Управниот одбор во саботата ја донесе одлуката за штрајк на Денот на здравјето. Имавме претставници од цела Македонија и уште еднаш констатиравме дека сме во тешка ситуација по низата покачувања. Продолжуваат да стигнуваат огромни сметки за индустриска струја, горивото сите знаеме колку се покачи, а имаме колеги кои патуваат и по 85 километри за да ги отворат амбулантите, се затвораат амбуланти, незадоволството само се таложи и ние во моментов сме доведени до точка на вриење. Ова е наш трет обид Владата да нè слушне дека ние го одржуваме здравствениот систем, да сфатат дека е неопходно да ги сменат законите. Недозволиво е ова што сега се случува, кога еден матичен лекар оди во пензија амбулантата се руинира и ако некој млад лекар се одлучи да работи принуден е да почне од нула , за што нема потреба. Доволно е само да ја продолжи работата со пациентите на лекарот што оди во пензија. Ова е последен крик за спас на примарното здравство. Просечната старост ние 57 години, сите сме пред пензија, ќе нема кој да ги лекува луѓето“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари за „А1он“.

Најавата на заменик- министерот за здравство Владимир Рендевски за формирање работни групи кои ќе работат на решавање на наталожените проблеми по претходните протести останале само како ветување. Чолакова-Дервишова вели дека нема никакво поместување за решавање на проблемите по протестите.

И на овој протест матичните лекари ги имаат истите барања, односно покачување на капитациониот бод, укинување на казните за пропишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа со кои ќе се внимава на достоинството и на пациентите и на лекарите.

Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа – семејна медицина, вели го поддржале штрајкот кој е во организација на Здружението на приватни лекари оти премногу долго чекаат реформи.

„Првите два протеста немаа никаков ефект, ништо од барањата не е прифатено, а тие се стари десет години, толку време нема реформа во приватното здравство. Ние даваме целосна поддршка оти сметаме дека треба правилно да се вреднува трудот на специјалистите во оваа област. Меѓу другото бараме загарантирана минимална плата за општите лекари, за специјалистите по семејна медицина и за медицинските сестри“, вели Ѓорѓиевски.

Ординациите на матичните лекари од другите градови утре поради протестот ќе бидат затворени, а за време на протестот, затворени ќе бидат и ординациите на лекарите во Скопје.

Поддршка за штрајкот матичните лекари добија и од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина.

„ЗПЗСУ ПДДМ сака да ја искаже својата безрезервна поддршка за најавениот протестот на матичните лекари, кој ќе се одржи на 7 ми април 2022 година во 12 часот пред Министерството за здравство поради катастрофалната и неиздржлива состојба во стоматологијата и потребата за решавање на проблемите, со барање за реформи и промена на начинот на исплата во стоматологијата од страна на ФЗО“, соопшти Здружението на приватни стоматолози.

Би можело да ве интересира

МЗ: Позитивен став кон приватните специјализанти, но решение после изборите

Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар – Мнистерството за здравство реагира на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Министерство за здравство: Петличковски и понатаму ја извршува функцијата претседател на Комисијата за заразни болести

Конкурси за вработување во здравство по избори, дотогаш продолжен договор на дело

Министерството за здравство тврди дека сите пациенти со дијабетес примаат инсулинска терапија